Приватен авион кој го следеле авиони на НАТО се урна кај Латвија

Мал приватен авион од типот „Cessna 551“ со четири членови на екипажот се урнал во неделата вечерта крај брегот на Литванија, откако бил следен од борбени авиони на НАТО, објавија локалните медиуми повикувајќи се на шведската служба за спасување на море.

Авионот регистриран во Австрија полетал од Херез на југот на Шпанија, каде што тргнала од 14,56 часот по средноевропско време без наведена крајна дестинација, според порталот FlightRadar24.

Во текот на летот авионот скршнал двапати, над француската престолнина Париз и над германски Келн, за потоа да се упати директно преку Балтикот, прелетувајќи го шведскиот остров Готланд. Во 19,37 часот по средноевропско време брзо започнал да ја губи височината и брзината.

„Дознавме дека авионот се урнал во морето северозападно од градот Вентиспилс во Латвија. Исчезнал од радарите“, изјави портпаролот на шведската спасувачка служба и додал дека се испратени спасувачки авиони, чамци и хеликоптер на претпоставената локација на падот.

Според германскиот весник Bild, авионот кој се урнал во Балтичкото Море летал кон Келн. Според весникот, пред падот пилотот на „Cessna 551“ го прекинал контактот со подигнатите во воздух германски ловци „Tornado“. Според весникот, авионот требало да слета во Келн или Бон, но се наведува дека при полетувањето авионот имал проблеми а подоцна била загубен контактот се екипажот.

Според Bild, поради инцидентот биле кренати на лет и шпански и француски ловци.

Шведската телевизија SVT, повикувајќи се на спасувачкиот центар за море и воздух, јави дека „нема надежи дека има преживеани“. Шведската крајбрежна стража објави дека веќе пронашла „остатоци и нафтени дамки во морето“.

Во спасувачката акција испратен е и литвански борбен хеликоптер на барање на Латвија, според портпаролот на литванското воено воздухопловство. Борбените авиони на НАТО базирани во Естонија го следеле авионот, потврдил портпаролот.

Шведската телевизија, пак, објави дека авионот „Cessna 551“ полетал од јужна Шпанија околу 15 часот по средноевропско време. Од 15,30 часот одржувал височина од околу 11.000 метри и брзина од околу 670 километри на час. Во 17,20 часот на голема надморска височина го прелетал Готланд а пота се упатил во североисточен правец преку Балтичкото Море. Во 19,30 часот авионот почнал да забавува и да ја губи височината.