Приватните превозници денеска се враќаат на скопските улици

Приватните автобуски превозници, по долгогодишна пауза од денеска повторно започнуваат со сообраќање низ скопските улици откако вчера постигнаа нов договор со Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

Веста беше објавена на фејсбук страната на ЈСП Скопје каде што се наведува дека е потпишан договор со приватните автобуски превозници и од утре тие повторно ќе почнат да сообраќаат низ улиците на главниот град.

Според објавата, договорот е потпишан од страна на новиот в.д. директор на ЈСП Скопје Крсте Петревски и претставниците на приватните превозници и веќе од денеска приватните превозници ќе ги опслужуваат линиите 23, 45, 61, 63, 73, 9, 11, 11A, 12, 47A, 55, 19, 20, 22, 52, 54, со, како што се вели, 105 модерни автобуси кои ги исполнуваат еколошките стандарди согласно јавниот повик.

-Со новиот начин на работа и стандардизацијата во јавниот превоз, граѓаните ќе добиваат квалитетна и навремена услуга, а буџетите на Град Скопје и ЈСП Скопје ќе бидат заштитени од злоупотребите и самоволието кое во минатото било пракса, се вели во објавата на ЈСП Скопје.

Инаку приватните превозници не сообраќаат од ноември минатата година откако им беше раскинат договорот од страна на Град Скопје поради, како што се тврдеше од страна на Градот, неиспорачување на услугите од страна на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.

Превозниците пак бараа да им бидат исплатени долговоите од страна на Град Скопје, бидејќи, како што тврдеа, немаа средства за испорачување на услугата токму поради тој долг и сето тоа резултираше со протести на превозниците кои блокираа неколку важни крстосници во главниот град и околината на бараките на Град Скопје со барање да им бидат исплатени, според нив, заостанати долгови од страна на ЈСП за да почнат повторно со работа.

Сето тоа резултираше со конечен договор меѓу превозниците, Град Скопје и ЈСП откако самите превозници се откажаа од поранешните директори и формираа ново раководство, коешто по два последователни јавни повици конечно успеаја да постигнат договор со Градот и ЈСП.