Приватните превозници ќе добијат 20 денари плус по изминат километар

Со 28 гласа „за“, ниту еден „против“ и еден „воздржан“, Советот на Град Скопје вечерва ја усвои Одлуката за утврдување на вредноста на надоместокот за извршени услуги во линискиот превоз на патници, по критериумот – остварен километар.
Приватните превозници ќе добијат зголемување од 20 денари по изминат километар преку Анекс на договорот, кој стапува на сила од 1 јануари наредната година и ќе важи до мај, кога истекуваат нивните постоечки договори.

Зголемената цена ќе биде дел од следниот Буџет на Град Скопје, кој беше изгласан денеска.

Приватните превозници претходно побараа зголемување без да наведат точна сума, а на средба со советниците на ВМРО-ДПМНЕ беше договорена цена од 30 денари по километар. Овој предлог беше одбиен од градската администрација како неприфатлив, бидејќи не бил поддржан со пресметки и анализи.

Советот ја усвои сегашната сума од 20 денари з акилометар, која беше оценета како финансиски одржлива.