Приватните превозници отфрлаат вклученост во наплата на билети, ќе протестираат пред ЈСП

Најодговорно тврдам дека „Слобода превоз“ од воведувањето на системот, а и никогаш претходно, не била таа која што продавала билети за превоз. За билетите, од набавка, продажба и колетирање на парите исклучиво е надлежно Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин, нагласи на денешната прес-конференција директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, демантирајќи ја градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Претходново четвртокот Арсовска изјави дека приватните превозници од 2017 година наплатувале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец, а како што рече, таа шема најверојатно траела пет години.

„Кој било да се обидел да направи каква било злоупотреба, која што би била надвор од системот, сето тоа би било регистрирано, бидејќи за сето ова постои електронски траг, сите наши автобуси се опремени со ЏПС кој го следи нивното движење, сите валидатори што се во автобусите и на приватните превозници и на ЈСП располагаат со опрема која ја регистрира секоја употреба на електронска карта и доколку имало какви било пропусти во сето тоа, за сите овие шест години, оној период којшто го спомена на денешната прес-конференција градоначалничката, можело да биде регистрирано и можело да се алармира“, истакна Јовановски.

Потенцираше дека немаат никаков допир со наплата на билети и оти целата продажна мрежа се одвива преку пунктови коишто ги има определено ЈСП.

„Приватните превозници не наплаќаат. Уште помалку „Слобода превоз“ ниту некогаш имала мрежа, ниту имала намера да развива мрежа, ниту задолжувала карти од ЈСП која што како „Слобода превоз“ ги продавала па за да може тие пари на некој начин да стигнат до фирмите како „Слобода превоз“ или „Макекспрес“. Ние сме како организатори на превозот и немаме никаква допирна точка со тоа“, посочи директорот на „Слобода превоз“.

Јовановски образложи дека нивна обврска со договорите е да изготвувааат фактура според изминати километри и оти тоа постојано се проверува преку мониторинг центарот на Град Скопје и се следи преку ОКЦ- Центарот на ЈСП.

„Не можам да разберам како може една институција како што е Град Скопје, како што е институцијата Градоначалник на Град Скопје да си дозволи да изнесува вакви невистини со дефокусирање и со обвинувања коишто се сериозни и за коишто ние како компании, коишто сме споменати, во консултација со адвокатски канцеларии ќе поднесеме тужби за клевета и за нарушување на угледот“, потенцираше Јовановски.

Посочи дека немаат информација дека некој возач направил некаква злоупотреба да наплати билет, а за тоа да не даде билет или да не издаде фискална сметка заради тоа што, како што рече, тоа е невозможно.

„Цело време апелирам и зборуваме овие шест години дека фискалните принтери, фискалните апарати на превозниците преку „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ и ЈСП не функционираат. Тие не се во функција. Она што ЈСП го прави е препродажба на карти каде што ги тераат возачите да купат карти од билетарниците и потоа истите да ги препродаваат во автобусите што е недозволиво. Ние таква идеја која се појави уште на почетокот одбивме токму заради тоа што можеше да се случат повреди на Законот или еве подоцна да се зборува за некакви злоупотреби или какви било манипулации на целиот систем“, наведе Јовановски.

Додаде дека побарале помош од Советот на Град Скопје и се надева дека ќе бидат повикани во текот на утрешниот ден за да ги изнесат нивните ставови.

„ Денеска добивме информација од претседателот на Советот дека веројатно во текот на утрешниот ден ќе бидеме повикани за да ги изнесеме нашите ставови, ќе одговориме на нивните прашања, можеби што не се јасни во оваа цела ситуација и ќе побараме помош да видиме што тие ќе можат да направат и за нас и за граѓаните да имаат редовен јавен превоз. Се надеваме на побрза разрешница и дека работите ќе се средат“, нагласи Јованоски.

Осврнувајќи се на изјавата на Арсовски за тоа дека ќе има нови огласи за аплицирање за превозниците повторно да се вклучат во сообраќајот, рече дека тоа е возможно и оти немаат ништо против тоа.

„Градот Скопје е тој што го организира превозот, тие се тие коишто ги воспоставуваат условите и начинот на којшто приватните превозници ќе се вклучуваат. Ако тие сметаат дека тие како поединци полесно и побезболно или подобро би функционирале на еден таков начин слободно – час поскоро додека може да го огласи и превозниците ќе си се јават на еден таков оглас“, посочи Јовановски.

Информираше дека приватните превозници утре со своите возила ќе бидат пред централата на ЈСП каде што ќе побараат одговори зошто престанале исплатите.

„Ние како фирми „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ не учествуваме во тој дел на протестите, бидејќи тоа се протести на приватните превозници. Ние како нивни застапници, како што кажав, ќе ги застапуваме нивните интереси и понатаму ќе продолжиме институционално да го бараме решението на проблемот. Меѓутоа, сега гледаме дека ние сме тропале цело време на погрешна врата“, рече Јовановски.