Во овој момент влегуваме во Град Скопје, а нашите автобуси остануваат паркирани кај крстосницата во близина на „Мавровка“, изјави за МКД.мк директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, пред почетокот на седницата на Советот на Град Скопје.
Јовановски додаде дека сѐ уште не знае дали денеска ќе има решение за проблемот и дека засега нема никакво ветување за решавање на нивното барање – исплата на парите што им ги должи Градот, односно ЈСП.
Приватните превозници вклучени во Јавниот линиски превоз денеска од 7 часот со повеќе од 30 автобуси протестираат со целосно блокирање во сите правци на крстосницата кај „Мавровка”, односно булеварот Гоце Делчев и булеварот Крсте Петков Мисирков. Од приватниот градски автобуски превозник „Слобода превоз” велат дека не е утврдено времетраењето на протестот бидејќи се планира да трае до исполнување на барањата.