Приватните превозници во Скопје и утре нема да возат

Приватните превозници и утре нема да возат, автобусите ќе останат во гаражите, изјави вечерва за МИА Јовица Зафировски, претставник на превозиците.

Одлуката е донесена на координацијата на превозниците кои денеска попладне ги исклучија автобусите од сообраќај во знак на револт откако и на денешната седница на Град Скопје не беше разгледно нивното барање за зголемување на таксата по километар.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески на денешната едница информираше дека иницијативата на превозниците била доставена доцна за да биде вклучена на седницата.

– Иницијативата е доставена доцна за да биде вклучена во оваа седница. Иницијативите се доставуваат до градоначалникот за мислење, а што не било случај со оваа. Таа ќе биде доставена денеска до градоначалничката Арсовска. Откако ќе биде разгледана од нејзина страна, иницијативата треба да биде вратена до Советот, објасни Славески.

Тој вечерва на социјалната мрежа „Х“ објави дека приватните превозници бараат зголемување на цена на услуги преку член во Советот и оти на потег е градоначалничката Данела Арсовска. Тој сподели документи: Барањето за мислење со предлог по иницијатива од член на Совет на Град Скопје за покачување на цената на услугата на приватните превозници ангажирани од Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје и Иницијативата за отпочнување постапка за покачување на цената од членот на Советот на Град Скопје Горан Арсов.

– Арсовска е на потег, приватните превозници бараат зголемување на цена на услуги преку член во Советот на Град Скопје, стои во објавата на Славески, што ја пренесе Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Град Скопје, пак, претходно реагираа дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ одбиле да ја стават на дневен ред точката по барање на приватните превозници, со која тие бараат зголемување на надоместот за јавен превоз, сѐ со цел, како што наведоа, за да се продлабочи кризата и зголеми хаосот.

Град Скопје во соопштението наведе дека „советниците на ВМРО-ДПМНЕ повторно, по 26 пат одбија да гласаат набавка на нови автобуси“ и оти „денешната седница на Советот на Град Скопје е само уште една потврда дека ВМРО-ДПМНЕ и нивните советници немаат намера да го средат хаосот во јавниот сообраќај“.

Дел од приватните превозници повторно се вклучија во јавниот градски превоз на почетокот на неделава. Нивните претставници викендот изјавија дека во сообраќај ќе се вклучат оние кои имаат финансиски можности и апелираа до градоначалничката Арсовска, советниците и Владата на заеднички состанок да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.