Вселенското летало дизајнирано за слетување на Месечината, кое го изградила компанијата „Intuitive Machines“ со седиште во Хјустон, во средата стасало до орбитата на Месечината.
Со тоа, првото приватно вселенско летало за оваа намена се приближи до првото американско спуштање на природниот сателит на Земјата по повеќе од 50 години.
Лунарниот лендер „Nova-C“, познат и како „Odysseus“, по седумминутното орбитално маневрирање влегол во кружната орбита на 92 километри над површината на Месечината, објави компанијата од Хјустон во соопштението на интернет.
Под претпоставка сѐ да се одвива според планот, се очекува дека роботското летало постепени ќе ја намалува својата височина во текот на следните 24 часа и ќе слета во четврток во кратерот Малаперт А во близина на јужниот пол на Месечината, носејќи повеќе научни инструменти на американската агенција за вселенски истражувања NASA.
Според компанијата, лендерот „Odysseus“ и натаму е во „одлична состојба“, и додава дека во текот на престојот во лунарната орбита, на околу 384.000 километри од Земјата, контролорите на мисијата во Хјустон ќе ги следат податоците за летот и ќе испраќа снимки од Месечината.
Леталото е лансирано од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида на NASA, пред шест дена, на 15-ти февруари, на врвот од ракетата „Falcon 9“ изградена и управувана од калифорниската компанија „SpaceX“ на Илон Маск.
Доколку атерирањето биде успешно, мисијата „IM-1Е би било првото контролирано спуштање на американско вселенско летало на површината на Месечината по „Apollо 17“, кога оваа последна мисија на NASA слета таму во 1972 година.
Исто така, тоа би било и првото „меко слетување“ на Месечината во историјата од страна на комерцијално произведено и управувано летало и првото во рамките на лунарната мисија „Artemis“ која ја започна NASA пред неколку години.
САД се тркаат да ги вратат астронаутите на Месечината пред Кина таму да го спушти своето вселенско летало со екипаж.