Приведен поранешен македонски пратеник (ФОТО)

Поранешниот пратеник Љубомир Јосифовски синоќа бил приведен и однесен на распит во полициската станица Беко, објави Сител.

Од МВР информираат дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во Биро за јавна безбедност при МВР вчера по претходно доставена пријава од страна на Централниот регистар и по консултација со надлежен Јавен обвинител од ОЈО Скопје, го лиши од слобода 46-годишниот Љ.Ј. од Скопје.

Тој се сомничи за сторено кривично дело „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, предвидено и казниво по чл.251.

 Љубомир Јосифовски беше пратеник на НСДП во претходниот паламентарен состав. Му беше директен ривал на Тито Петковски за позицијата лидер на НСДП.

На минатогодишниот конгрес на кој се избираше третседател на партијата Јосифовски тогаш го обвини Петковски дека сам се прогласил за единствен кандидат за претседател на партијата и дека наспроти информациите во јавноста, Јосифовски не ја повлекол кандидатурата за преземање на кормилото на партијата.

„Ниту сум повлекол кандидатура, ниту пак има намера…Тито Петковски на највулгарен начин ја злоупотреби својата позиција“, напиша на својот Фејсбук профил, Јосифовски.

Во изјава за медиумите тој тогаш посочи дека на седницата на Централниот одбор имало конфликт, бидејќи тој не се согласил со одлуката.

– Согласно статутот на НСДП секој член има право да бира и да биде избран. Јас поднесав кандидатура пред еден месец и истата беше поздравена од Тито Петковски и од органите на партијата. Кога се соочи со реалноста дека не може да биде избран одлучи да направи радикален чекор и денеска да ги изманипулира членовите на Централниот одбор – изјави  Јосифовски за „Фокус“.