![полиција](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/01/polici-a-1.jpg?resize=696%2C523&ssl=1)
Полицијата приведе 44-годишен родител од Скопје за запуштање и малтретирање на својата 16-годишна ќерка, откако по добиени сознанија и во присуство на претставници од „Меѓаши“ и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа било констатирано дека малолетничката била подолго време заклучувана во домот и не добивала соодветна нега од родителот.
– На 15.01.2021 полициски службеници од Единицата за внатрешни работи Карпош, по претходно добиени сознанија и со наредба од истражен судија, а во присуство на претставници од Првата детска амбасада „Меѓаши“ и од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје, влегле во домот на Н.К. на подрачјето на Карпош, каде што биле затекнати Н.К. (44) и нејзината 16-годишна ќерка. Притоа било констатирано дека малолетничката била подолго време заклучувана во домот и не добивала соодветна нега од родителот – информираат од МВР.
На малолетничката веднаш ѝ е пружена соодветна помош и е сместена во здравствена установа, каде што е згрижена, а по службена должност ќе ѝ биде определен старател.
– Н.К. е приведена во полициска станица, а на 16.01.2021 е пренесена во психијатриска установа „Бардовци“, каде е задржана до понатамошна постапка – информираат од МВР.
Од МВР посочуваат дека сите преземени мерки се извршени со судска наредба, а за настанот е известен надлежен Јавен обвинител. Против Н.К. првично ќе биде поднесена кривична пријава по чл.140 став 5 и по чл.201 од Кривичниот законик, а се преземаат и дополнителни мерки и активности.