Приведен уште еден во рамки на акцијата Ќелија

Полицијата вчера го приведе Ф.И. од Скопје, роден 1991. година, кој беше недостапен, а се бараше во рамки на акцијата Ќелија.

Осомничениот бил лоциран и уапсен околу 14.00 часот во близина на Бит Пазар, по што му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

При приведувањето не се регистрирани инциденти и немало употреба на средства за присилба.

Приведениот е еден од 36-те осомничени лица во операцијата Ќелија за кои од досега обезбедените докази до Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција беше поднесена кривична пријава за сторени кривични дела „Учество во странска војска, полиција, паравоени и параполициски формации“ предвидено и казниво по член 322-а од Кривичниот законик на Р.Македонија. Вклучувајќи го и него, вкупно 10 лица од осомничените досега се обезбедени, додека по останатите 26 кои се недостапни, сеуште се трага.

Според сомненијата кои ги имаме од истрагата Ф.И. бил логистичар на групата, но во неколку наврати имал и неуспешни обиди да замине за Сирија. Лицето со кое вториот пат се обидел да замине преку Турција, исто така е опфатено со кривичната пријава и сеуште се наоѓа во Сирија и војува во муџахединските единици на Исламската држава. Последниот негов обид за заминување за Сирија (преку Р.Турција) е на 03.06.2015 година, кога не му бил овозможен излез од Р.Македонија. Инаку намерата за неговото заминување за Сирија се претпоставува дека е поради извршување на логистички активности за потребите на џихадистите во Сирија кои се по потекло од земјава.

Осомничениот Ф.И. не минува во крим-евиденцијата на Министерството како извршител на кривични дела.

 

 

Во рамки на акцијата Ќелија беа уапсени девет лица.