На 16/17.09.2022 во периодот од 20.00 до 01.00 часот на подрачје на општините Чаир и Бутел, постапувајќи по оперативен план, полициски службеници од Полициските станици Чаир и Бит Пазар во содејство со полициски службеници од Единицата за безбедност на сообраќајот на патиштата, Единицата за интервентна полиција, Отсекот за криминалистичка полиција, Единицата за недозволена трговија и Единицата за брзо распоредување, спроведоа зајакнати мерки и притоа од слобода лишија и приведоа четири лица.
На 17.09.2022 во 00.50 часот на ул.„Босна и Херцеговина“ од слобода бил лишен С.Ц.(42) од Скопје затоа што кај него биле пронајдени и одземени пиштол „Глок 9×19“, две рамки за пиштолот и 30 куршуми 9мм.
На 17.09.2022 во 01.00 часот на бул.„Крсте Мисирков“ од слобода бил лишен А.Ќ.(24) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана.
Во полициска станица биле приведени и С.Д.(25) од с.Грчец, скопско и Е.Ј.(42) од Скопје. С.Д. бил приведен на 16.09.2022 во 22.00 часот на ул.„Кемал Сејфула“затоа што кај него биле пронајдени и одземени револвер „Таурус ин“ и седум куршуми 9 мм. Додека, Е.Ј. бил приведен на 16.09.2022 во 22.00 часот на ул.„Цетинска“ затоа што кај него биле пронајдени и одземени пиштол „Сиг сауер“ и две рамки со 17, односно 15 куршуми 9 мм.
При контролите, исто така, биле констатирани 53 прекршоци по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, седум по Законот за возила и биле одземени три моторни возила.