Приведени двајца браќа, дилери на марихуана

Полицијата уапсила двајца браќа од скопската населба Гази Баба, осомничени дека продавале марихуна на локалните зависници, информираше МВР.

СВР Скопје, до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Р.Д. (27) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека извршил кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Според полицијата, по издадена судска наредба, полициски службеници во понеделникот извршиле претрес во домот на Р.Д. на улицата Сава Михајлов. Таму бил затекнат и неговиот брат Б.Д. (30). При претресот биле пронајдени една вреќа, едно најлонско пакување, еден шприц и вага кои биле одземени и дадени на вештачење. Од вештачењето било утврдено дека во вреќата и најлонското пакување има 558 грама марихуана, во шприцот има 1 милилитар  хашиш.

Осомничениот и неговиот брат биле лишени од слобода и задржани во ПС Гази Баба.