Приведени се вандалите кои ги искршија стаклата на македонскиот клуб Никола Вапцаров во Благоевград. Како што пренесуваат бугарските медиуми, приведени се четири лица – двајца мажи и две жени, сите на возраст од околу 40 години. Како што потврдиле од тамошното МВР сите признале и најверојатно против нив ќе има кривични за хулиганство. Повикувајќи се на извори од истрагата, бугарските медиуми пренесуваат дека се работи за две семејества од Благоевград. Во саботата биле на празнување на денот на виното во село Добрава. Биле празнично расположени, но и револтирани, како што пишуваат медиумите, поради тоа што утрината, на чествувањето на 4-ти февруари, бугарски државјани со часови чекале да влезат во Македонија, па го искршиле стаклото на македонскиот културен клуб.
Информацијата ја потврдија и основачите на клубот. Атанас Мазнев за Канал 5 изјави дека очекува случајот да биде поскоро расчистен.
„Информацијата е истата и се надевам дека објективна и точна. Како што македонската страна во случаите кога имаше напад врз бугарските клубови кога македонската полиција бргу и со успех си ја заврши работата, понижувачки за бугарската полиција која смета дека е европска и на ЕУ, би било понижувачки за неа да остане зад македонската“, изјави тој.
Бугарскиот министер за внатрешни Иван Демерџиев, според медиумите, го известил и македонскиот колега Оливер Спасовски од кој настојувал македонските истражни органи во целост да го расчистат случајот со нападот на Христијан Пендиков секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид.
Пендиков откако вчера е пуштен од военомедицинската академија во Софија на домашно лекување, деновиве ќе добие привремен стан во Софија, паричен надоместок и лично обезбедување, соопшти Министерот за надворешни Николај Милков, појаснувајќи дека тој и неговата мајка поради закани стравувале да се вратат во Македонија. Пендиков, според Милков, во најбрз можен рок ќе добие и бугарско државјанство.
Македонскиот клуб во Благоевград беше вандализиран на 4 февруари, кога во Скопје се чествуваше 151-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев. Вандалскиот чин бил пријавен вечерта во 21:40 часот во локалната полициска станица откако полициската патрола видела дека е скршено стаклото на клубот.
Следниот ден БНТ објави фотографии од каменуваниот македонски културен клуб во Благоевград.
Клубот „Никола Вапцаров” беше отворен на 30 октомври минатата година во тензична атмосфера. Тој ден една од буквите на натписот беше излупена.