-Како претседател на Република Македонија, ми претставува чест, во името на македонските граѓани симболично да и се заблагодарам на Инженерската институција на Македонија со Повелбата на Република Македонија. Верувам дека ќе биде мотив повеќе за натамошно успешно творење во своите области на сите членови на Асоцијацијата. Верувам дека ќе биде и импулс за натамошен развој и афирмација на македонското инженерство и, воопшто, македонската наука, рече пртседателот Иванов во поздравниот говор.
Тој нагласи дека науката и технологијата можат да се користат за градење мир, развој и благосостојба, но и да се злоупотребат за разградување на општествените и на еколошките системи. За унапредување на квалитетот на животот, но и за уништување на животната средина.
– Денес, кога светот го одбележува Меѓународниот ден на науката посветена на мирот и развојот, ние во Република Македонија имаме можност да се потсетиме на македонскиот придонес кон овие универзални благородни цели… Во изминатиот четврт век, светот постигна досега незабележан технолошки напредок и развој. Нема ден, а да не дознаеме за некое ново научно откритие. Колку подлабоко навлегуваме во новата епоха на нови пронајдоци, но и на нови предизвици, толку повеќе се зголемува и потребата за компетентен и компетитивен научен кадар. Не е доволно Македонија да биде само корисник на научните пронајдоци и техничките решенија од светот. За да можеме да обезбедиме раст на нашата економија и напредок на нашето општество, потребно е и ние да сме дел од тие решенија, рече Иванов.
Олеснителна околност, нагласи, е што не започнуваме од нула. Во изминатите седум децении, Инженерската институција на Македонија заедно со другитенаучно-образовни и истражувачки институции ги постави темелите врз коиденес ја градиме оваа визија.
– Како претседател на Република Македонија, секоја година ја имам честа да им врачам инженерски прстени на најдобрите студенти од техничките факултети. Со тој чин симболично ги внесувам и поврзувам со нивниот научен иинженерски повик. Воедно, веќе шест години по ред, ја доделувам наградата „Најдобар млад научник“ на млади луѓе кои се занимаваат со наука и со научни истражувања. Млади луѓе кои веќе постигнале конкретен резултат во нивната област. Овие млади научници и инженери не се само идни членови на Инженерската институција на Македонија, туку се и идните градители на напредокот и на благосостојбата на Македонија, порача Иванов.
Доколку сакаме да држиме чекор со светските развојни трендови и да станеме генератор на образовна и креативна научна и инженерска сила, нагласи, мора уште повеќе да ги поттикнуваме и да ги охрабруваме студентите и младите научници од различни научни сфери.
Од името на 17-те здруженија кои ја сочинуваат Асоцијацијата се заблагодари професорката Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, која посочи дека иако признанијата значат потврда за минат труд, во суштина тие претставуваат поттик и одговорност да се продожи понатаму во создавањето на нови вредности.
– Токму затоа, сакаме да кажеме дека сме подготвени да опстоиме на ентузијазмот, тој да биде барем толку силен, колку што бил на нашите колеги во далечната 1946 година. Тогаш кога дваесетина врвни инженери и техничари формирале Друштво, со цел размена на мислења и искуства за изградба на својата нова држава и етаблирање на инженерско образование. Не помал треба да биде и нашиот ентузијазам, како универзитетски професори, истакнати стручњци и менаџери во македонските компании кои и покрај нашите секојдневни професионални ангажмани треба да дадеме сериозен придонес во подобрувањето на улогата на инженерите во општеството и создавањето на услови за квалитетен инженерски подмладок како движечка сила во техничко-технолошкиот развој на нашата земја, рече Спасевска.
Нагласи дека веќе 70 години, овие определеби се изразуваат преку Инженерската институција на Македонија која, како што истакна, овозможува на едно место инженерите, преку своите струкови здруженија да ги истакнат своите ставови и заложби.
– Предизвиците се големи, покавлитетно образование, светски препознатлива наука, изградба на нови стратешки објекти – патишта, фабрики и електрани, енергетски ефикасни згради, подобри закони, создавање улови за задржување на младите инженери, кои несомнено се конкурентни на меѓународниот пазар на трудот. Со сигурност овие предизвици бараат широк фронт на истакнати личности во инженерството, со инетегритет и визија, кои преку мултидисиплинарна соработка ќе го трасираат патот на напредокот и успешноста, рече Спасевска.
Посочи дека Инженерската институција во изминатите 70 години секогаш била, е и ќе остане, единствена професионална, неполитичка и непрофитабилна организација што преку своите здруженија и сојузи ги обединува инженерите практичари и инженерите научници во Република Македонија.
– Впрочем, за неа несомнено треба да кажуваат делата, затоа што без нашата организација не постои можност да се опише целокупната градителска традиција и интелектуално-материјалниот придонес во професионалното инженерско моделирање на македонската државност, посочи Спасевска и додаде дека доделувањето на Повелбата е признание на сите поранешни претседатели на Асоцијацијата и на сите претседатели и членови на нејзините здруженија.