Признание за претседателот Иванов од македонската заедница во Србија

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска доби признание „Специјална златна плакета“, кое Националниот совет на македонската национална заедница во Србија му го врачи за посебен придонес во зачувувањето на идентитетот на Македонците во Република Србија.

Претседателот Иванов истакна дека оваа награда претставува голема чест и посебно задоволство за него.

„Се препознава дека сето она што го работиме во нашата држава позитивно се одразува и во нашата дијаспора. Република Македонија како до сега, така и во иднина ќе продолжи да се грижи за Македонците во дијаспората, а јас и понатаму максимално ќе го поддржувам Националниот совет, затоа што секој успех на македонските организации во дијаспората е успех за Република Македонија“, рече претседателот Иванов на средбата.

Националниот совет на македонската национална заедница во Србија, одлучи да му го додели ваквото признание на претседателот Иванов, поради неговите заложби и несебичен личен ангажман за зачувување на името, честа, идентитетот, традицијата и културата на македонскиот народ во светот. Златната плакета македонскиот претседател ја добива по повод 10 годишнината од институционалното организирање на Македонците во Србија, во пресрет на националниот празник 2-ри Август – Илинден.

„Претседателот Иванов секогаш одвојуваше време да се сретне со нас и да ги слушне предизвиците со кои што се соочува нашата организација, како и да помогне во надминувањето на истите, и ние тоа високо го цениме. Ќе продолжиме и во иднина да ги претставуваме македонските интереси и да бидеме најдобри амбасадори на Република Македонија во Република Србија“, рече претседателот на Националниот совет, Борче Величковски.

На средбата беше разговарано и за севкупната состојба на Македонците во Србија, при што Борче Величковски го информираше претседателот Иванов за нивните приоритети и предизвиците со кои што се соочуваат, како и за активностите на Националниот совет во однос на печатењето на првите буквари на македонски јазик со елементи на националната култура за прво и второ одделение.