Пробиени рокови, раскопани улици и автопатишта, сообраќаен хаос – македонска, децениска реалност вредна за Гинис

На многу започнати проекти на патната инфраструктура во земјава, и по повеќе години од нивниот старт, воопшто не им се гледа крајот. Бескрајните градења важат како за експресните, така и за автопатите и за клучните улици во главниот град.

Објавени, па поништени тендери за изведувачи, па распишани или нови само во најава, поставена механизација и почната, па стопирана изградба, еден ден се работи на терен, а потоа со денови или месеци сѐ стои во место…тоа, за жал, е сликата во државава со патиштата.

Вечност за автопатот Скопје-Блаце од само 12,5 километри

Еден ваков „историски“ проект, долги години ставен во сите програми на политичките партии, е автопатот Скопје-Блаце. Првиот чекор за негов старт беше во јули 2019 година, кога се објави тендерот за изградба со грант од 1,3 милиони евра ИПА неповратни средства, заем од ЕБОР (како главен финансиер) и од Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ). Тој беше за првите два од вкупно 12,5 километри, колку што треба да се изгради од македонска страна. Таа прва фаза од 2-та километри требаше да започне пред крајот на 2019, а целиот автопат да биде готов до 2023-та.
Но, автопатот уште чека на финиширање и во тек се работите од неговата прва фаза, за што од ЈПДП деновиве изјавија дека се при крај градеѓните активности.
Работите запнаа уште на самиот старт, кога се пониши тендерот за избор на изведувач од страна на ЈП Државни патишта, затоа што понудата го надминала буџетот предвиден. На вториот тендер се јавија „Гранит“ и „Бетон“ од Скопје и бугарската компанија „ИСА 2000“, а се избра „Гранит“ како изведувач.

фото: „Гранит“

За автопатот Скопје-Блаце од ЕБОР е обезбеден заем од 167,6 милиони евра под гаранции од државата, додека проектот е кофинансиран и со 20,8 милиони евра инвестициски грант од Европската Унија (ЕУ) преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Во Ззаконот за гаранција, се наведува дека долгот ќе се отплаќа 16 години, а првата рата од заемот треба да се исплати во 2026.

Вториот тендер за овој проект за останатите 10,5 километри беше најавен на почетокот на октомври 2022, а кој треба да се објави во текот на оваа година. Но, тендер се уште нема.

Бесконечниот Кружен тек во Момин поток

Сѐ уште се свежи сеќавањата на скопјани за помпезно најавениот старт на изградбата на кружниот тек кај Момин Поток, во јули 2021, меѓу булеварите „8-ми Септември“ и Никола Карев, кон Визбегово и косовска граница, од претходниот градоначалник Петре Шилегов. Всушност проектот беше уште крајот на мандатот на Коце Трајановски. Истовремено беше почнат и вториот дел од овој проект за кружен тек на крстосницата кај Хубо маркет, помеѓу булевар 8-ми септември и улица Скупи кој ќе продолжува до клучката кон Момин Поток. Изведувач на целиот проект е фирмата „Жикол“.

Тој требаше да биде завршен за две, до две ипол години, според најавите на власта на СДСМ, а чини околу 18 милиони евра. Но, улицата кај „Хубо маркет“ сѐ уште е раскопана, поради активностите на терен и градежните машини, секојдневно колони возила чекаат да го минат овој дел. Нема абер ниту крајот на клучката кај Момин Поток чиј крај се најавуваше за оваа година. Иако на терен има градежни машини, од двете страни улиците се раскопани, како и цел рид низ која треба да поминува трасата, некои денови има работници а теренм некои нема. Многу очигледно е дека проектот оди бавно и не се наѕира крајот.

фото: Град Скопје

Градоначалничката Данела Арсовска деновиве кусо одговори на новинарско прашање, дека изградбата на „Клучка Момин Поток“ нема никаков застој и рокот за завршување бил февруари 2024 година.

Она што исто така ги нервираше скопјани со месеци, како и граѓаните кои транзитираат низ градот, е реконструкцијата на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов во строгиот центар на Скопје, која почна лани во септември кога Град Скопје ги започна градежни работи за целосна реконструкција, од потегот од кружниот тек кај Католичка црква до крстосницата со булеварот Климент Охридски. Според најавите на Арсовска, тите требаше да траат 5 месеци. Реконструкцијата чини 43 милиони денари, а изведувач е фирмата „Бауер“. Оваа реконструкција беше најавена една година претходно, кога се потпиша договорот со „Бауер“, но Арсовска се правдаше дека се ги чекала долго одобренијата за посебен режим на сообраќај од МВР.

фото: Град Скопје

Сообраќајниот хаос поради работите на оваа улица, наместо за 5, заврши деновиве, после 7 месеци.

Експресни патишта „пуста желба“

Ништо подобра, дури и полоша е состојбата со најавените експресни и автопатишта низ земјава.

Уште во далечната 2015 година се најави изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп, преку Росоман и Дреново во должина од 33, 5 километри, во три фази. Финансиите се обезбедија со заем од ЕБОР, од државниот буџет и од ИПА фондови. Од ЈП за државни патишта рекоа тогаш дека со изградбата ќе се стартува во втората половина на таа година, прво со вториот дел од делницата кој ги опфаќа клисурите, како најтешката фаза од проектот. Потоа ќе се гради првиот, па третиот дел.
Работите почнаа во 2018 г, но запреа. Потоа, пред две години беше најавено дека ќе се продолжи со изградбата, каде со месеци наназад не се одвиваа никакви градежни работи затоа што претходните компании-изведувачи ја напуштија трасата и ги оставија делниците недовршени. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски тогаш рече дека е избрана за изведувач нова компанија, австриската „Страбаг АГ“ која ќе ја доврши изградбата на 16 километри од идниот експресен пат од Градско до Дреновската клисура. А, кинеската „Синохидро“, се избра за изведувач за делницата од Дреновската до Фаришката клисура долга 10 километри. И двете компании го напуштија проектот кој дотогаш имаше процент на изграденост од 35 отсто. Потоа, па во игра влегоа италијанската компанија „Тирена Скави“ и шпански „Конструксионес Рубау С.А“.

фото: Република.мк

„Двете делници беа со избрани изведувачи кои ја напуштија трасата и таму имавме сериозен проблем, така што сега се отклонуваат проблемите и оваа сезона очекуваме сериозни градежни зафати“, изјави неодамна министерот Бочварски во врска со „ситуацијата“ со патот Градско-Птрилеп. Тој рече и дека овие делници ќе бидат завршени и пуштени во употреба во текот на 2023 година. Така, неизвесноста продолжува.

Маратонска реконструкција на 10 километри автопат Катланово-Петровец

Од септември 2020 се реконструираат 10 километри од делница Катланово-Петровец и сѐ уште нема абер од завршување. На терен се одвиваат градежни работи само одвреме навреме, иако возачите си плаќаат патарина во двете насоки од Скопје кон Велес, по 40 и по 80 денари во правец, додека возат по обичен пат со дупки речиси 3 години.

Според изјава на Бочварски, откако преходниот изведувач „дигна раце од проектот“, новоизбраниот изведувач ќе ја заврши санацијата на автопатот меѓу Катланово и Петровец. Досега, од власта ниту се кажа името на изведувачот, ни на претходниот ни на сегашниот, како ни причините зошто првиот го напушти теренот, на овој еден од најфреквентните патишта во земјава и дел од паневропскиот Коридор, кој чини 10. Бочварски неодамна изјави само дека застојот е поради раскинат договорот за изведба со првичниот изведувач, бидејќи не ги почитувал роковите, прогресот на работите на терен изнесувал само околу 10 проценти, па во консултација со ЕБОР, договорот со компанијата е раскинат. Лани се распишал нов повик за избор на изведувач и веќе била избрана нова градежна компанија.

фото: Влада на РМ

„Очекувам почетокот на наредна година (2023) согласно временските услови, да продолжат градежните работи и со силна динамика да продолжи со работа новата градежна компанија и да ја заврши оваа делница“, рече лани есента Бочварски.

Бочварски во Битола на прес конференција лани во декември најави дека оваа година ќе почне и изградба на автопатот Прилеп-Битола, откако ќе бидат завршени сите технички детали, кои веројатно не се ниту започнати.

– Сега потпишавме меморандум за соработка кој е необврзувачки, а продолжуваме со техничко почнување на постапките, кога ќе сме подготвени, целиот модел ќе биде претставен на јавноста. Овој модел не е непознат во други држави, се работи за брз и поефикасен модел, изјави тој.

„Утнатиот“ автопат Кичево-Охрид е за Гинис

Добро познатиот, почни-застани проектот на кој не му се гледа крајот и е честа мета на меѓупартиски препукувања, автопатот Кичево – Охрид, проект на две влади, за кој оваа Влада најавува дека ќе биде завршен оваа 2023 година?.

фото: Република.мк

Во најавените капитални инвестиции што ги најави Владата за годинава, од 10 милијарди и 885 милиони денари во делот на патната мрежа, железницата, гасификацијата и комуналната инфраструктура, каде спаѓаат и автопатски делници на Коридор 8 и Коридор 10 д, со 6,1 милијарда денари, планирано е и интензивирање на изградбата на автопатот Кичево-Охрид.

Инаку, aвтопатот влегува во неговата деветта година на реализација и неговото чинење, од првични 375 милиони евра денеска стигна со скоро 600 милиони евра.

Според последната ревизија на ДЗР со која беа опфатени 11 капитални проекти во земјава, поради нивното одолговлекување се направени екстра трошоци за државата од 58 милиони евра за еднократна провизија, камати за повлечени средства и провизија за неповлечени средства. До лани летото биле склучени договори за изградба во износ од 12.856.639 илјади денари, чија вредноста е зголемена на 15.354.883 илјади денари поради признавање на дополнителни и непредвидени работи.

„Со анализа на приходите на ЈП за државни патишта утврдивме дека приходите се помали од вредноста на вкупните инвестиции на годишно ниво, освен за 2020 и 2021 година, што предизвикува неизвесност во реализацијата на инвестициите во патната инфраструктура“, укажаа ревизорите. Ревизорите утврдија дека мнозинството проекти кои се реализираат од ЈП за државни патишта се започнати во период од 2014-2016 година. Тие имаат бавна динамика на реализација која се должи на слабости во техничките решенија како дел од проектната документација, раскинување на договори со изведувачи од различни причини, покренување на постапка за меѓународна арбитража, административни пречки за започнување на експропријацијата, комплексна правна рамка со повеќе вклучени институции за утврдување на надоместокот за експропријација која го блокира ефикасното решавање на експропријација.

Детали околу состојбата со градежните активности и плановите за завршницата со експресните патишта и автопатиштата, а пред сѐ за причините пради кои се доцни со изградбата, редакцијата Нетпрес побара од ЈП „Државни патишта“, но одговори, сѐ до објавување на текстот, не добивме.