
Општина Пробиштип почна со инвестициите во уличното осветлување. Градоначалникот Тони Тоневски вели дека во моментов се работи на поставување на улично осветлување по должината на новата пешачка патека и влезот и излезот на градот кон Штип и Кочани.
„Во должина од над 1.300 метри се поставуваат 35 енергетски светилки. Поставените столбови и светилки ќе ја осветлуваат и коловозната лента, но и од другата страна ќе има светилки, кои што ќе ја осветлуваат патеката, која води од градот кон индустриската зона, каде се наоѓаат повеќе производствени погони, меѓутоа е и пристапен пат до селото Стрмош“, рече Тоневски.
Проектот за новото улично осветлување на влезот и излезот на Пробиштип чини пет милиони денари, а средствата се обезбедени од општинскиот буџет.
Тоневски истакна дека проектот ќе продолжи и во централното градско подрачје на улицата „Миро Барага“, каде ќе бидат поставени 35 столбни места, а оваа улица ќе има и нови тротоарни површини.
„Инвестицијата на оваа улица за уличното осветлување ќе чини околу пет милиони денари и имаме уште пет милиони денари за новите тротоари на улицата ’Миро Барага’“, посочи Тоневски.
Нагласи дека сите градежни активности за изградба на пешачката патека, новото улично осветлување и тротоарските површини чинат околу 200.000 евра.