Проблематичниот син на норвешката принцеза обвинет за силување

Најстариот син на норвешката принцеза Мете-Марит е осомничен за силување, што е втор случај против него, соопшти полицијата во средата, два дена по неговото апсење.

Роден пред бракот на Мете-Марит со принцот Хакон, Мариус Борг Хоиби бил уапсен во понеделникот вечерта под сомнение за силување. По откривањето на вториот случај, истражителите побарале притвор за 27-годишникот, а судијата во средата одобрил седумдневен притвор, пишуваат норвешките медиуми.

„Мариус се соочува со сериозни обвиненија, полицијата и судството ќе се занимаваат со нив и сигурен сум дека ќе завршат добра работа“, изјави принцот Хакон за телевизијата NRK.

Адвокатот на Борг Хоиби, Ојвинд Братлиен, изјави дека ќе поднесе жалба на одлуката за притвор, но ја поздрави одлуката на судиите да не го одобрат барањето на полицијата за петнаесетдневен притвор.

„Сметаме дека тоа е ветувачки“, се вели во соопштението.

Обвинителот Андреас Крушевски изјави дека вториот случај вклучува „неконсензуален сексуален однос со жена која не била во состојба да се спротистави на чинот“.

Инспекторите извршиле и претрес на куќата на Борг Хоиби.

Овој случај доаѓа откако тој веќе беше обвинет за предмет за нанесување телесни повреди на 4 август. Жртвата била жена со која бил во врска, соопшти полицијата, а норвешките медиуми објавија дека во ѕидот на една од спалните соби на жената пронашле нож.

Борг Хоиби беше уапсен во септември поради прекршување на забраната за приближување. Тој бил во автомобил со жената од августовскиот инцидент кога бил уапсен во понеделникот.