Проблемите во судството се и на судската, и на извршната, и на законодавната власт

Не сме тука да водиме војни и мислам дека проблемите коишто постојат во судството се заеднички на судската, извршната и законодавната власт и заедно треба да ги решаваме, вели претседателот на Здружението на судии и претседател на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев.

Прашан за најавените реформи и робусна акција во правосудството, Џолев посочи дека судството е едно од најреформираните области.

– Судството е едно од најреформираните области и ние ќе продолжиме во тој правец да се однесуваме. Тоа е потрбено за сите, за владеење на правото, за правна држава. Не сме тука да водиме војни и мислам дека проблемите коишто постојат во судството се заеднички и на судската и на извршната и на законодавната власт. Ќе повторам, заедно треба да ги решаваме и судството во тој правец размислува – изјави Џолев, во одговор на новинарски прашња по отворањето на осмата регионална конференција на тема „Унапредување на довербата и авторитетот на судската власт преку поголема независност и транспарентност“, што денеска и утре се одржува во Охрид, во организација на Здружението на судии, во соработка со Амбасадата на САД и ЦЕЕЛИ институтот во Прага.

Во однос на пораката за сплотеност на судиите, Џолев посочи дека заедништвото дава сила.

– Сметам дека во иднина треба навистина да бидеме сплотени, без разлика на хиерархиската поставеност во судството. Сите заедно. Врховниот суд, Судскиот совет, Здружението на судии, судиите генерално треба да се држиме повеќе заедно и да работиме заедно да ги детектираме проблемите и да ги решаваме – изјави Џолев.

На судството, нагласи Џолев, е потребна помош и од извршната и од законодавната власт, за, како што посочи, да се изгради една поинаква перцепција.

– Ве уверувам дека и на оваа меѓунаодна конференција организирана од Здружението на судии ќе чуете дека рејтинзите со кои се манипулира во јавноста во однос на довербата на граѓаните во судството од два проценти не се точни – изјави Џолев.