Проблемот со оружјето ќе биде решен, договорено е на средбата меѓу Тошковски и Алексовски

Фејсбук статус на Ловечка Федерација на Македонија:

Деновиве се одржа прва средба меѓу претседателот на Ловечката Федерација на Македонија Влатко Алексовски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на која се разговараше за следното:

1. Постапување по над 17 илјади предмети по барање за добивање дозвола за набавка на оружје, кои со години се во постапка за одлучување;

2. Изготвување на нов закон за оружје;

3. Поставување на сообраќајни знаци ,,Дивеч на пат”, со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот и заштита на дивечот.

Претседателот Алексовски недвосмислено го искажа ставот на ЛФМ, итно да се постапи по над 17-те илјади предмети, за кои секој ловец вложил околу 500 евра за собирање на сите документи (обука, полагања, денгуби, патни трошоци, административна такса, лекарско уверение), па така, 17 илјади по 500 евра се 8,5 милиони евра, кои ловците ги вложиле во постапката.

ЛФМ ги заштитува правата и интересите на ловците и во таа смисла, се залага овие парични средства да не им пропаднат. Притоа, тој побара да се земат на одговорност лицата во МВР кои придонеле за ваквата состојба!

Министерот Тошковски и претседателот Алексовски се согласија дека е неопходно итно да се формира работна група за изготвување на нов закон за оружје, согласно европските директиви. Од страна на претседателот на ЛФМ беше предложен ,,патоказ” за изготвување на новиот закон, кој беше прифатен од страна на Министерот.

Тошковски потенцира дека во иднина при постапување по предметите за добивање на дозвола за набавка на оружје, ќе биде укинато ,,дискреционото право” на МВР, бидејќи остава простор за корупција при одлучувањето!

Останува разговорите да продолжат во наредниот период, со дефинирање на сите дејствија за решавање на проблемот во врска со оружјето.