Проценките на МАЕ ја зголемија цената на нафтата на 85 долари

Цените на нафтата се зголемија на меѓународните пазари до 85 долари во четвртокот, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од новите проценки на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ – iEA), што сигнализираше послаба понуда и посилна побарувачка оваа година.

На лондонскиот пазар во попладневното тргување цената на барелот со краен рок на испорака во мај беше за 70 центи повисока од вчерашното затворање на трговувањето и изнесуваше 84,73 долари. Вчера ја затвори трговскиот ден со добивка од 2,11 долари.

На американскиот пазар барелот за испорака во април денеска поскапе за 88 центи, на 80,60 долари. Вчера ја затвори трговијата со добивка од 2,16 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во засебен извештај објави дека во средата цената на барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки останала речиси непроменета на 82,67 долари.

Трговците во средата беа изненадени од извештајот на американската влада кој покажа пад на залихите на нафта. Паднаа и залихите на бензини, посилно од очекуваното. Цените вчера беа зголемени поради стравувањата за испораките од Русија поради украинските напади врз руски рафинерии. Извозот на руски гориво падна за 1,5 отсто во февруари во споредба со претходниот месец поради непланирани прекини на рафинериите, покажуваат податоците од извори од индустријата и пресметките на Reuters.

Во четвртокот, пак, трговците се фокусираа на последниот месечен извештај на МАЕ. Агенцијата проценува дека глобалната побарувачка на нафта ќе се зголеми за 1,7 милиони барели дневно во првиот квартал, посилно од очекуваното, поради подобрената перспектива во САД и зголемената побарувачка на горива под влијанието на подолгиот бродски транспорет кој се пренасочи по подолгата рута околу ‘Ртот на добрата надеж на југот на Африка.

Тие, исто така, ја зголемија проценката за раст на побарувачката за целата година, за 110.000 барели дневно, на 1,3 милиони барели дневно. Тоа значи и дека растот ќе биде значително побавен од 2023 година поради забавувањето на светската економија, забележуваат тие. Минатата година, според нивните проценки, побарувачката се зголемила за 2,3 милиони барели дневно.

„Оценката на МАЕ (…) сѐ уште е со милји далеку од онаа на OPEC, но извештајот не му наштети на растечкиот оптимизам“, заклучува Тамаш Варга од PVM.

Во исто време, агенцијата ја намали проценката на понудата, земајќи ја предвид последната одлука на OPEC и неговите сојузници да ги намалат испораките до средината на годината и да го намалат производството од независните производители. Тие очекуваат понудата да се зголеми за 800.000 барели дневно оваа година, на 102,9 милиони барели дневно.

„Зголемената проценка за растот на побарувачката и намалената проценка за раст на понудата имплицираат дека понудата на пазарот ќе биде речиси 400.000 барели дневно помалку од минатиот месец“, рече Џовани Стауново од UBS.