Проценките за летната побарувачка ги поттикнаа цените на нафтата над 80 долари

Цените на нафтата надминаа 80 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи меѓу инвеститорите надвладеаја процените за силната летна побарувачка, засенувајќи го зајакнатиот долар и повнимателните шпекулации за намалување на каматната стапка во САД.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 53 центи повисока отколку на затворањето на трговијата на крајот на минатата седмица и изнесуваше 80,15 долари. Речиси за истото поскапе и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 76,10 долари.

Одделно, Оганизацијата на земјите извзнички на нафта (OPEC) објави дека барелот нафтена референтна кошница на нејзините членки во петокот поскапел за 56 центи на 80,37 долари.

Расположението на нафтените пазари беше пригушено на крајот од минатата седмица со побрзото темпо на вработувања во САД, според податоците на Министерството за труд за мај, поттикнувајќи ги обновените шпекулации дека американската централна банка може да се откаже од намалувањето на трошоците за задолжување за да спречи нов пораст на инфлацијата.

Во таков амбиент зајакна доларот, а во понеделникот беше поткрепен и од најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека поради лошите резултати на изборите за Европскиот парламент ќе распише предвремени парламентарни избори.

„Цените почнаа да растат (во понеделникот) кога се разбудија во САД и почнаа нова работна седмица. Инвеститорите од другата страна на Атлантикот очигледно не се загрижени за слабото евро и, следствено, посилниот долар поради поттикнувањето на предвремените избори во Франција“, заклучува Тамаш Варга од „PVM“.

Посилниот долар ја кочи побарувачката за нафта, бидејќи ја еродира куповната моќ на инвеститорите со други валути.

Аналитичарите на американската инвестициска банка „Goldman Sachs“ очекуваат солидна побарувачка во летната сезона на патувања и дефицит на пазарот од 1,3 милиони барели дневно во третиот квартал.

„Се наближува летната сезона на патувања и постепено преовладува верувањето дека побарувачката ќе биде силна и значително ќе го намали залихата“, објаснува Варга.

Така, аналитичарите се приближија до позицијата на OPEC и нејзините сојузници, кои во очекување на закрепнување на побарувачката планираат да ја зголемат понудата кон крајот на годината и во 2025 година, според планот објавен викенд пред последен. Нивната одлука влијаеше на цените во првата половина на минатата седмица, па саудиските и руските власти нагласија дека можат да ја прилагодат одлуката доколку е потребно.