И оваа година верниците од целиот свет ги преплавија улиците на древниот Стар град во Ерусалим, подготвувајќи се за процесиите во спомен на маките на Исус Христос на Велики петок.
Прво низ Ерусалим по Крстниот пат, или Виа Долороса, ќе тргне процесијата на православните, а три часа потоа ќе се одвива процесијата на католичкиот францисканскиот монашки ред.
Секоја година аџиите носат крстови со различни големини запирајќи на секоe од четиринаесетте места на Крстниот пат, од кои петте последни се во самиот Храм на Светиот гроб, базиликата изградена од крстоносците на местото на коешто според христијанската традиција, било местото на неговото распетие. Според христијанската традиција, Исус Христос бил распнат во петок, а воскреснал во недела којашто се слави како Велигден.
Годинава православните, католичките и протестантските христијани го слават Велигден на ист ден, што не се случува често, бидејќи најголемиот дел од источните цркви, меѓу кои и македонската православна, се раководат од Јулијанскиот, додека западните според Грегоријанскиот календар. Следниот пат Велигден, заедно ќе биде празнуван во 2025 година.
Велигден, односно Воскресение, се совпаѓа со седмицата во којашто верниците од хебрејската вероисповед ја слават Пасха, празнување во спомен на ослободувањето од египетското ропство.
Израелското министерство за туризам процени дека оваа година 79.500 туристи од христијанска и 78.500 туристи од хебрејска вероисповед ќе учествуваат во празнувањата на своите празници во Светата земја.
Како и секоја година, Израел издаде пропусници за 500 христијани од Појасот Газа за може да влезат во Израел и на Западниот брег. Повеќе десетици илјади христијани од целиот свет и од сите конфесии, добиваат специјални дозволи за посета на Ерусалим до крајот на седмицата, кога православните верници го одбележуваат Велигден.
Во Светата земја има околу 110 илјади арапски христијани, и илјадници странски христијански работници, баратели на азил и русофони имигранти. Христијаните претставувале повеќе од 18 отсто од населението што живее во Светата земја во 1948 година која е востановена државата Израел, а денес ги има помалку од 2 отсто.