Процесот Жан Моне е фарса, Левица нема да учествува во дијалогот, вели Апасиев

Левица нема да учествува во дијалогот Жан Моне за измени на Деловникот, бидејќи смета дека целта на процесот не е донесување современ европски деловник за работа на Собранието, информираше денеска на прашање на МИА претседателот на партијата Димитар Апасиев

– Тоа е обична фарса. Ние во почетокот како што учествувавме, лично јас учествував со конструктивни предлози, ги симнавме сите од Југославија до денес, ништо од тоа не се прифаќа.Тие имаат своја тенденција како тоа да го направат, и не сакаме да го легитимираме веќе тој процес и наш претставник не учествува. Од средбата во Маврово па наваму ние не учествуваме – рече Апасиев на новинарско прашање зошто не учествуваа на последнта средба на Жан Моне процесот за Деловникот што се одржа на почетокот од неделава.

Тој додаде дека под постојните услови нема да учествуваат во процесот, бидејќи, како што потенцира, го смета за фарса.

– Мислам дека нема располложение да се донесе современ европски деловник и затоа што не им одговара. Овој деловник е донесен од Трајко Велјановски. Им одговара и на едните кога биле на власт, и на овие. Така што мислам дека нема искрена добра волја да се промени Деловникот – рече Апасиев.