Писмото на генијалниот Алберт Ајнштајн од 1922 година во коешто зборува за своите стравувања во врска со појавата и зголемувањето на антисемитизмот во Германија, повеќе од десет години пред доаѓањето на власт на националсоцијалистите, продадено е на наддавање во Израел за 32.000 американски долари.
„Овде се приготвуваат економски и политички мрачни времиња. Можам да кажам дека сум среќен што имав можност да заминам од сето тоа“, напишал тогаш 43-годишниот физичар на неговата сестра Марија, откако го напуштил Берлин и заминал на место во коешто не се споменува во писмото.
Ајнштајн, кој три месеца претходно ја добил Нобеловата награда за физика, од германската престолнина отпатувал откако екстремните десничари го убиле министерот за надворешни работи Валтер Рахенау, негов пријател Евреин, по што полицијата го предупредила дека тој би можел да биде следниот.
Кога нацистите дошле на власт во Германија во 1933 година и започнале со прогонот на Евреите, Ајнштајн држел предавања во странство. Се откажал од државјанството и заминал за САД каде и што останал.
„Особеноста во ова писмо е што Ајнштајн дури десет години порано ги предвидел настаните во Германија“, изјави Мерон Ерен, соосновач на ерусалиската аукциска куќа Kedem која го понуди писмото на наддавањето.
Во јуни минатата 2017 година, писма кои ги пишувал Алберт Ајнштајн беа продадени по цена од 210.000 долари на аукција во Ерусалим. Писмата ги пишувал за Господ, Израел и за физиката, а најголема цена достигнале писмата за создавањето на светот. Писмата кои ги пишувал од 1951 до 1954 година беа продадени на наддавањето, пред коешто нивната заедничка вредност беше проценета на меѓу 31 и 46 илјади долари.
Најмногу, 84 илјади долари, бea понудени за писмото на Ајнштајн до еминентниот физичар Дејвид Бом. Во него Анштајн напишал дека „ако Бог го создал светот, неговата вистинска грижа сигурно не била да го направи лесно разбирлив за луѓето“. Писмото е напишано во февруари 1954 година, една година пред смртта на Ајнштајн.
На почетокот од октомври годинава беше објавено дека писмото на познатиот физичар во кое тој ги изнесува своите размислувања за религијата и неговата еврејска вера, набргу ќе оди на аукција и се очекува да биде продадено за 1,5 милион долари. Tаканареченото писмо за Бог, ќе биде понудено на аукцијата на Kristi во Њујорк на почетокот од декември.
Писмото на една и пол страница, напишано на германски јазик и упатено до филозофот Ерик Гуткинд, се смета за клучен ракопис во дискусијата за науката и религијата, и е најјасното мислење на Ајнштајн на оваа тема.