Продавачки и касиерки, фризери и шофери, но и фармацевти се профилите кои во моментот најмногу доминираат на веб страниците на домашните агенции за посредување при вработување. Од високообразованите кадри пак, најмногу се бараат информатичари, електротехничари и машински инженери, но нив се помалку ги има, анализира Лидер.
Техничко технолошкиот напредок, економскиот раст и развој на компаниите, како и се поголемото присуство на странските компании во Македонија ја менуваат структурата на барањата за посебни знаења и вештини кои ги претпочитаат работодавачите на берзата на труд во моментов.
Истражувањето на Агенцијата за вработување за потребите и вештините на пазарот на труд кои работодавачите ќе ги бараат оваа година покажува дека потенцијалните кандидати за вработување, посебно оние со повисок степен на образование, треба да го нагласуваат познавањето на странски јазици (англиски, германски, исталијански), како и познавањето на основни компјутерски апликации, како MS Office и Auto Cad, а со оглед на тоа што најбарано занимање на пазарот на труд е програмер, работодавачите оваа година ќе ценат напредни познавања од областа на инфомрациската технологија, како сервер администратор, CISCO, Java програмирање и Oracle. Работодавачите во врска со оваа професија задолжително бараат поседување на сертификати за стекнатите знаења.
Меѓу другите вештини, работодавачите ја нагласуваат потребата од комуникациски вештини, амбициозност, одговорност, доверливост, прецизност, тимска работа, вештина за внес и читање податоци, флексибилност, вештини за продажба и маркетинг како и вештини за менаџирање, стои во истражувањето на АВРМ.
Оваа година, половина од анкетираните работодавачи во истражувањето, предвидуваат нови вработувања, поточно станува збор за отварање на нови 10.132 работни места. Анализата покажува дека вкупно во период од 12 месеци бројот на очекувани нови вработувања би изнесувал 16.225.
Кои профили се бараат на берзата на труд?
Податоците на АВРМ велат дека најбарани професии на пазарот на труд оваа година ќе бидат програмер, информатичар, градежен инжењер, архитект, архитект- проектант, машински инжењер, инжењер технолог, фармацевтски технолог, електроинжењер…
Од профилите со средно образование најбарани ќе бидат комерцијалист, градежен техночар, оператор на медицинска опрема, текстилен техночар, шивач, шивач на текстил, кројач, продавач, бравар, столар, заварувач, армирач, лимар, градежни работници … Ќе се бараат работници за производствена линија, работници за едноставни работи во производство на текстил, дистрибутери и слично.
За работодавачите дипломите на кандидатите за работа повеќе не се во прв план. Тие бараат од нив да имаат поминато низ конкретна практична обука.