Двајца кумановци се осомничени дека продавале лекови без рецепта и затајувале данок, информираше МВР. Станува збор за М.Б. (50), сопственик и управител на „ГЕО-ФАРМ“ увоз-извоз, како и А.И. (44), сопственик на аптека „ШЕНДИ ФАРМ“ . Полицијата против нив поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, производство и пуштање во промет штетни средства за лекување како и за даночно затајување. Првоосомничениот добил кривична и за фалсификување исправа.
Според МВР, М.Б. од 28.03 до 27.04.2017 година во пет наврати од фармацевска, козметичка и диететска индустрија од Македонија набавил 57.000 кутии опијатен аналгетик „Трамадол“ со вкупен износ од 2.920.942 денари. Во текот на 2017 година на А.И и аптеката „ШЕНДИ ФАРМ“ Куманово им продал 34.000 кутии со вкупна вредност од 1.955.000 денари. Остатокот од 23.000 кутии со вредност од 1.414.099 денари го пуштил во промет на непознати лица, за што во книговодствена евиденција прикажал лажни податоци со што избегнал плаќање на данок од 67.332 денари и за тој износ го оштетил државниот буџет. , По извршена контрола од Агенцијата за лекови и медицински помагала на 09.02.2018 година, М.Б. изготвил пет фиктивни фактури во кои навел дека во периодот од 31.01.2018 година до 05.02.2018 година на аптеката „ШЕНДИ ФАРМ“ Куманово и продал 34.000 кутии „Трамадол“.
Од друга страна, пак, пријавениот А.И. во периодот од 28.03.2017 година до 15.05.2017 година А.И. како сопственик и управител на аптеката „ШЕНДИ ФАРМ“ Куманово, според направените проверки по фактури од добавувачот, во 17 наврати од „ГЕО-ФАРМ“ набавил 34.000 кутии „Трамадол“ со вкупен износ од 2.052.920 денари. За набавката извршил плаќање на „ГЕО-ФАРМ“ што е евидентирано преку изводи на трансакциона сметка, а набавената количина на „Трамадол“ воопшто не ја прикажал во материјалното книговодство во тек на 2017 година. При контрола од Агенцијата за лекови и медицински помагала, покрај наведените неправилности било констатирано дека „ШЕНДИ ФАРМ“ го издавал аналгетикот без рецепт од специјалист. На тој начин било избегнато плаќање на данок од 97.750 денари и за тој износ ја оштетиле државата.