Мобилниот оперативен систем на „Huawei“ – HarmonyOS, има 900 милиони активни корисници, објави шефот за потрошувачка електроника Ричард Ју, што покажува дека кинескиот гигант се опоравува од трговските ограничувања во САД, со зголемена продажба на мобилни телефони од почетокот на годината.
Компанијата разви сопствен оперативен систем поради американските санкции кои го блокираа нејзиниот пристап до Android на „Google“ од почетокот на деценијата.
На почетокот на јуни 2021 година, „Huawei“ на јавноста ѝ го претстави оперативниот систем Harmony, а во август минатата година ја изненадија светската јавност со новата серија мобилни телефони „Mate60“, во кои се верува дека се вградени чипови развиени во Кина. Многумина ја протолкуваа серијата како враќање на „Huawei“ на пазарот на мобилни телефони во категоријата со повисока цена по долгогодишните проблеми предизвикани од американските ограничувања.
Истражувачката компанија „TechInsights“ го тестираше новиот мобилен телефон на „Huawei“ и заклучи дека се напојува со новиот чип „Kirin 9000S“, кој според нивната проценка е произведен од кинеската „Semiconductor Manufacturing International Corp“ (SMIC).
Приходите на „Huawei“ пораснаа за 9,63 отсто минатата година, а членот на одборот Кен Ху најави значително повисоки приходи во 2024 година, што го потенцираше закрепнувањето во бизнисот со мобилни телефони.
Во првите недели од 2024 година, компанијата повторно го зазеде првото место на домашниот пазар на мобилни телефони, соборувајќи го американскиот „Apple“ од тронот, според извештајот на „Counterpoint“ од февруари. „Huawei“ се врати на врвот на рангирањето првпат откако САД го ставија на црната листа во мај 2019 година, додаде Кен Ху.
Во првите пет месеци од оваа година, продажбата на нови мобилни телефони на „Huawei“ скокна за 72 отсто во првите пет месеци од оваа година во споредба со истиот период минатата година, рече Ју во понеделникот.
Во првиот квартал, приходите на компанијата скокнаа за 37 отсто, на 178,8 милијарди јуани (24,7 милијарди долари). Профитот се зголеми речиси седум пати на 19,6 милијарди јуани.
Ју, исто така, рече дека на крајот на годината моделот „Mate 70“, наследникот на „Mate 60 Pro“, ќе биде претставен на јавноста со оперативниот систем HarmonyOS Next.