Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе Обвинителен акт, како и предлог за продолжување на мерките притвор, куќен притвор и за определување на мерки на претпазливост против 11 лица осомничени за случајот „Удар“.
Обвинетите се товарат дека сториле кривични дела „Злосторничко здружување”, „Изнуда”, „Лихварство”, „Криумчарење мигранти” и кривично дело „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење мигранти”.
Имено, првообвинетите Д.А. и Н.И. се товарат дека во почетокот на 2014-та година создале група за вршење на кривични дела лихварство и изнуда, на која се придружиле С.И., Б.И. и Ш.И. Во рамките на групата секој од обвинетите имал определена улога во спроведувањето на криминалниот план и извршувањето на криминалните активности организирани и координирани од првообвинетите. Групата неовластено се занимавала со давање пари на заем со усмен договор, при што искористувајќи ја тешката имотна состојба, нуждата и лекомисленоста на оштетените, обвинетите договарале несразмерна имотна корист со намера да прибават противправна имотна корист за себе. Групата со сила и сериозна закана ги присилувала оштетените да сторат дејствија на штета на својот имот.
Првообвинетиот Д.А. со цел да прибави имотна корист, со неговите синови А.А. и Н.А. создале група за вршење кривично дело криумчарење мигранти, при што од мај до октомври 2015 година, обвинетите по претходен договор ги прифаќале мигрантите во повеќе наврати откако ќе влезеле на територијата на Република Македонија и ги превезувале со товарни и патнички моторни возила до договорената локација.
Осомничен и претседателот на кумановскиот суд
Во текот на 2015 година првообвинетиот Д.А. создал уште една група за вршење на кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување” од чл.353 од Кривичниот законик, во која прифаќајќи го криминалниот план станале припадници обвинетиот М.С. и НН лице. Првообвинетиот ги организирал, договарал и координирал криминалните активности на обвинетиот М.С. и НН лицето, а тие ги извршувале. Во својство на службено лице М.С, искористувајќи ја својата службена положба и овластување ги пречекорил границите на своето службено овластување и притоа за себе прибавил противправна имотна корист во износ од 19.000 евра.
Продолжен притворот за осомничените
Како што информираат од Јавното обвинителство, согласно чл.321 ст.3, чл.165 ст.1 т.1, 2 и 3 и чл.163 од Законот за кривична постапка, надлежниот обвинител предложи oпределената мерка притвор да биде продолжена за обвинетите Н.И., С.И, Б.И., Ш.И., А.А. и Н.А., како и мерката куќен притвор за Д.А.
Исто така, согласно чл.146 ст.1 т.7 од Законот за кривична постапка, надлежниот обвинител предложи да се определат мерки на претпазливост за М.С. и тоа забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело од причина што постои основано сомнение дека обвинетиот доколку и понатаму ја извршува функцијата, би можел да превзема определени дејствија злоупотребувајќи ја својата положба и барајќи логистичка поддршка од одредени лица, а се со цел негово ослободување од кривична одговорност за кривичните дела што му се ставаат на товар, со што би го попречувал и водењето на кривичната постапка.
За останатите С.М., Г.И. и Џ.И. остануваат определените мерки за претпазливост.