Продолжен прекинот во издржување на казната на дел од осудените за 27 април

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, осуден на 18 години за тероризам по настаните на 27 април 2017 во Собранието, добил прекин на отслужување на казната до 21 ноември.

Од затворот од Штип велат дека прекин во отслужување на казната поради медицински причини, добиле шест лица.

Директор на штипскиот затвор Дејан Здравков, за МИА ги потврди информациите дека со судско решение прекинот во издржување на казната им е продолжен на Митко Чавков (до 21 ноември), на Митко Пешов (до 16 ноември), на Оливер Поповски (до 22 септември) и на Душко Лазаров (до 25 септември). На Александар Јаневски – Тошта и Јане Ченто им завршил прекинот и на 14 август се вратиле во затворот.

Од Кривичниот суд, за МИА потврдија дека пет лица, осудени за настаните од 27 април, побарале од судот прекин на казната. Судот на тројца им дозволил прекин за еден осуденик решението е во фаза на изготвување, а едно од барањата е одбиено заради некомплетна документација.

Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов кон крајот на јули потпиша решенија за 30-дневен прекин на казната за дел од лицата осудени за 27 април, поради лекување.

Во врска со упадот во Собранието, во затвор се 16 лица, правосилно осудени на казни од 7 до 16 години затвор за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Највисока казна од 16 години доби Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност(БЈБ), кој тогаш имаше „златна команда“ за протестите пред Собранието.