Продолжен рокот за доставување елаборати за легализација на дивоградбите

Рокот за поднесување на елаборат за легализација на дивоградби е продолжен, па наместо до јуни оваа година, тој ќе трае, до 31.12.2015 година, информираше денеска владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Ќе биде продолжен и рокот за легализација на тераси пренаменети во станбен простор до 30 јуни 2015 година.

Станува збор, рече тој, за ново законско решение кое што е испратено до Собранието, а се однесува на проширување на рокот за достава на елаборати.

„Владата на Република Македонија усвои и до Собранието предложи измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти со кои се продолжува рокот за доставување на геодетски елаборати за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект до 31 декември 2015 година. Значи претходниот рок за доставување на елаборатите кој беше предвиден до јуни 2014 година, сега се продолжува до 31.12.2015 година“, рече Ѓорѓиев.

Овие законски измени се направени со цел да им се излезе во пресрет на геодетските компании и граѓани.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, истакна дека кога станува збор за легализација на терасите, ќе бидат опфатени сите доградби изградени до трети март 2011-та година. Со законските измени, како што нагласи тој, ќе се допрецизира и постапката за легализација на подземната инфраструктура.

„Со втората измена на Законот преку продолжување на рокот се дава и нова можност за  поднесување на барање за утврдување на правен статус на бесправни доградби на објекти со намена домување во станбени згради – тераси и тераси пренаменети во станбен простор. Оваа измена е направена поради тоа што е констатирано дека голем дел од граѓаните немаат поднесено барање за утврдување на правен статус за овој вид на објекти заради висината на надоместокот кој беше првобитно утврден со Законот, а кој беше во висина на постоечките комуналии. Заради послабиот процент на поднесени барања за легализација на терасите и терасите претворени во станбен простор, ние веќе извршивме промена на висината на надоместокот, односно се утврди надоместок наместо во висина на комуналиите да биде во висина од 61 денар (1 евро) по метар квадратен“, рече министерот Јанакиески.

Со предложените измени на Законот, нагласи тој, се врши и допрецизирање на постапката за утврдување на правен статус на линиски инфраструктурни подземни објекти (водовод, канализација, оптички и телекомуникациски мрежи) кои биле бесправно изградени во смисла на тоа дека се изработува посебен геодетски елаборат од страна на компаниите кои претендираат на нив и истите ги користат, со оглед на карактерот на овој вид на објекти.

Од вкупно поднесени 350 илјади барања за легализација, досега се легализирани околу 90 илјади дивоградби.