Продолжи судскиот процес за родилката од Дебар, следното рочиште со вештаци од Судска медицина

Родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, на која во 2020-та година при породување со царски рез во струшката болница, лекарите ѝ ги извадија матката, еден јајник и еден бубрег, денеска го повика новиот министер за здравство, Фатмир Меџити, да се заинтересира за нејзиниот случај. Лекарите се веќе обвинети за тешки дела против здравјето на луѓето. Денеска се одржа ново судско рочиште.

„…Ова не е шега, ова е вадење на органи и едноставно сум пола човек, инвалид, поради овие доктори кои денес беа во овој суд“, рече Веапоска.

На денешното рочиште беше сослушан еден сведок, односно медицинска сестра-акушерка од Гинеколошкото одделение. Според нејзиното сведочење, иако Јилдиз требала да си оди дома, таа одеднаш се пожалила на болки, па ѝ била дадена соодветна терапија.

„Иако ѝ беше дадена соодветна терапија болките беа сè појаки и појаки. Го повикав дежурниот лекар Лилјана, која на Јилдиз ѝ кажа дека во ваква состојба не може да си оди дома“, рече Сарита Пешиноска, Медицинска сестра, сведок.

Кога состојбата ѝ се влошила, лекарката Лилјана Јованоска го побарала анестезиологот и операторот, Мухамед Асани и влегле во салата. Адвокатите на обвинетите лекари, а тоа се Мухамед Асани, неговиот син Блертон, како и Лилјана Јованоска, денеска не сакаа да дадат изјави. Тие веќе се изјаснија за невини.

„На 21-ви ќе дојдат судските вештаци од судска медицина. Јас верувам дека тука ќе се расчистат сите дилеми околу тоа што се случувало за време на оперативниот зафат и ќе станат појасни многу работи“, рече Сашо Јанев-адвокат на Јилдиз Веапоска.

Инаку, судскиот процес трае веќе една година. Следното рочиште е закажано за 21 јуни, а потоа следува летната пауза во работењето на судовите.