Индексите продолжија да растат на азиските пазари во средата, предводени од силниот раст на токискиот Nikkie, откако централната банка на Јапонија (BoJ) неочекувано ја сигнализираше својата неподготвеност да ги зголеми каматните стапки дополнително, со што јенот остро се намали.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции порасна за 1,32 отсто. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei порасна за 2,7 отсто, откако вчера се зголеми за повеќе од 10 отсто, што доведе до оптимизам дека инвеститорите најдоа основа на пазарот по острата корекција. Во понеделникот Nikkei потона речиси 13 отсто.
Во зелено беа и другите азиски берзански индекси, со најмногу јужнокорејски Кospi со 2,37 отсто.
Јапонскиот заменик гувернер Шиничи Учида во средата изјави дека централната банка нема дополнително да ги зголемува каматните стапки сѐ додека финансиските пазари се нестабилни. Минатата седмица BoJ ги зголеми каматните стапки на 0,25 отсто, највисоки во последните 15 години и најави дека постепено ќе го намалува штедрото купување на државни обврзници.
„Бидејќи сме сведоци на остра нестабилност на домашните и на странските финансиски пазари, неопходно е засега да се задржи сегашното ниво на монетарно олеснување“, рече Учида.
Доларот скокна за 1,6 отсто на 145,65 јени по изјавата на Учида, зајакнувајќи од 141,675 јени што ги допре во понеделникот, но сепак далеку под највисокото ниво во јули во однос на јенот од 161,96 јени.
„Распродажбата на јапонските акции можеби веќе заврши. И странските и домашните инвеститори го ресетираа своето нето купување акции од почетокот на годината. Доколку пазарот остане на сегашното ниво, државниот пензиски фонд (GPIF) би можел да стане нето купувач до крајот на септември“, посочуваат аналитичарите на „JP Morgan“.
GPIF е огромен фонд, со значителна пазарна тежина, а неговите инвестициски одлуки имаат големо влијание.
Во исто време, курсот на еврото бележи само мали промени во однос на доларот и се тргува по 1,092675 долари.
Индексот на доларот, кој ги мери перформансите на американската во однос на шесте главни светски валути, утрово порасна за 0,22 отсто на 103,19 поени, оддалечувајќи се од најниското ниво во последните седум месеци од 102,15 поени, кое го допре во понеделникот.
Нафтениот пазар сѐ уште е нестабилен, бидејќи инвеститорите се загрижени поради намалувањето на глобалната побарувачка и можниот прекин на испораките на нафта од Блискиот исток, поради ескалацијата на конфликтите таму.
Во средата цената на барелот од марката Brent на лондонскиот пазар се намали за 0,3 отсто на 76,23 долари, а на американскиот пазар барелот од WTI за 0,4 отсто на 72,87 долари.