Продолжува битката со огнената стихија кај грчкиот град Александруполи

Трет ден пожарникарите се обидуваат да го стават под контрола пожарот во близина на Александруполи во североисточниот дел на Грција, а континуираниот силен ветер дополнително ја отежнува битката со огнената стихија, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на противпожарна служба на Грција Јанис Артопиос за грчката телевизија Опен рече дека во гаснењето интервенираат над 214 пожарникари, како и десет авиони и седум хеликоптери од кои еден е за координација.

-Се бориме со екстремни временски услови. Тешка е ситуацијата на северната страна од автопатот Егнатиа. Имавме пожарникари заглавени во сточарска единица, има и повредени. Ветерот го турка огнот и создава нови жешки површини со кои треба да се справиме, објасни Артопиос и додаде дека за два дена евакуирани беа 13 населени места.

Според грчката телевизија ЕРТ во изминатите денови, во пожарот изгореле девет куќи и една црква.