Продолжува добрата соработка помеѓу Народната банка и централната банка на Бугарија

Актуелните прашања за економската состојба во Европската Унија, како и економските предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот во однос на задржувањето на ценовната и финансиската стабилност беа главните теми на разговорот помеѓу гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска и гувернерот на Бугарската народна банка, Димитар Радев, кои остварија средба во рамките на работната посета на гувернерката на Република Бугарија.

На средбата помеѓу двајцата гувернери беше заклучено дека банкарските системи и на двете земји покажуваат солидни остварувања и релативно висока отпорност на надворешните шокови во изминатиот период на кризи. Гувернерите истакнаа дека сегашната поставеност на монетарната политика е соодветна, но неопходно е натамошно внимателно следење на инфлациските движења.

На средбата, двајцата гувернери истакнаа дека задржувањето на професионалноста и независноста на централните банки е од исклучителна важност за задржувањето на ценовната и финансиската стабилност на земјите.

Ангеловска-Бежоска и Радев изразија стремеж за продлабочување на досегашната соработка и во натамошниот период, како и за размена на искуства и знаења за предизвиците со кои се соочуваат централните банки, во околности на неизвесно макроекономско окружување со нагласени геополитички ризици.