Продолжува хаосот во „ТНТ“, поротничка се повлекла, па се пишманила – адвокатот на зимски одмор

Јавната конфронтација на релација адвокат во „ТНТ“ – Кривичен суд продолжи и денеска. Нови писма напишаа и судот и бранителот Јовица Страшевски. Скопска единица информираше дека по заканите на адвокатот дека судијката поротник може кривично да одговара, таа му се пожалила на претседателот на судот дека добива закани. Сакала да се повлече, но била убедена дека ќе биде заштитена, јавува ТВ Алсат М. Имено, адвокатот реагираше дека таа веќе не смее да се појавува во судница бидејќи и истекол мандатот.

 „Откако е посочено дека судот ги користи сите легални механизми да го заштити интегритетот и угледот на секој судија и судија – поротник и доколку е неоходно институциите може на секој судија и судија – поротник да му овозможат и обезбедување, поротникот се согласи да продолжи да постапува сè до евентуално разрешување од Судскиот совет“, велат од Кривичен.

За судот е чудно, како Страшевски иако официјално известил дека е на одмор и не може да доаѓа на судење, сепак продолжува со, како што велат, отворени притисоци. Но, ново писмо напиша и Страшевски. Бил со семејството на одмор. Не се заканувал, не уценувал никого и не вршел притисок ниту врз судот, ниту врз судијката поротник. Вели дека само укажувал оти мандатот на поротничката ù истекол, а со тоа не може да биде дел од судењето за уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.

„Јавно повикувам ако некој има закани јавувања или притисоци од мене тоа да го пријави до надлежните органи. Ова соопштение го објавувам не под страв на заканите, притисоците и заплашувањата кои ги прави Основниот кривичен суд преку своите соопштенија со повикување на МВР, Адвокатска комора, Обвинителство, туку јавноста да се запознае со вистината“, рече адвокатот Страшевски.

Откако Кривичен побара институциите да ги истражат заканите на Страшевски до судијката поротник, Државниот обвинител Љубомир Јовевски за Алсат денеска искоментира дека го следи развојот на преписката.

„Обвинителството ги следи будно овие случувања во врска со овој предмет и мислам дека е некој преседан што одбраната настојува, прашањата што треба легитимно да ги постави во судница ги наметнува во јавноста“, рече Љубомир Јовевски, Државен јавен обвинител.

Инаку, следното рочиште за „ТНТ“ е закажано веќе за во понеделник, но адвокатот на поранешниот градоначалник на Гази Баба го известил судот дека до 17 месецов е на одмор. Тензијата во судница зовре откако судењето од минатиот месец веќе почна да се приближува кон крајот. Пред Нова Година рочиштата беа одложени оти обвинетиот Тони Трајковски го претепаа. Освен него обвинети се и бегалецот Никола Груевски, Миле Јанакиевски и уште четири лица.