Продолжува тенденцијата на ниско ниво на искористеност на капиталните ивестиции во земјава. Поради лошото планирање или поради лоша реализација? Иако државните институции од буџетот имаат доволно пари за на располагање за таа намена, сепак малку ги трошат. Владата, Собранието, Претседателот, министерствата, агенциите, фондовите, заводите, комисиите…сите институции кои се финансиираат од државната каса, очигледно за девет месеци потрошиле помалку отколку што можеле.
Според последните податоци објавени на страната на Министерството за финансии, заклучно со септември годинава се реализирале само 37,64 проценти од планираните инвестиции. Или, додека за капитални расходи од буџетот се издвоени 369.208.020 евра, се потрошиле 138.955.547 евра.
Тоа е така, иако е познато дека: „Капиталните расходи или капитални инвестиции, се расходите на буџетските корисници наменети за трајни добра, како патишта, училишта, болници, водоводи, студентски домови, спортски објекти, апарати за здравството, опрема хардвер, софтвер итн. Нивната реализација е важна бидејќи креираат подобри услуги за граѓаните и придонесуваат за развој на економијата.
Според табелата на Министерството за финансии, од сите министерства, најмногу пари за капитални инвестиции досега потрошило Министерството за транспорт и врски, речиси 38 милиони евра, што е 58,9 отсто од вкупните пари на располагање за оваа година. Министерството за финансии потрошило 13 милиони евра или 76,51 отсто, а за функции на државата од ова министерство се потрошени 25 милиони евра или 49,1 отсто.
Ставката на потрошени пари на Министерството за надворешни работи за 9 месеци изнесува 196 илјади евра, што е 57 отсто од сите средства што ги има за трошење до крајот на оваа година. Министерство за одбрана има истрошено 5,3 милиони евра или 20,1 отсто, за економија 55,8 отсто од парите или 937 илјади евра, а МТСП 21,37 отсто или 670 илјади евра.
Иако имало повеќе за капитални добра, Министерството за здравство издвоило за нив досега само 39 отсто или 4,2 милиони евра, додека она за локална самоуправа, пак, само 2,8 отсто или 2.000 евра за деветте месеци од годинава.
Што се однесува до Агенцијата за разузнавање, таа ги потрошила скоро сите пари или 97,85 отсто, односно 159 илјади евра.
Трошоците на Претседателот на државата изнесувале 2.700 евра или 11,6 отсто од вкупните, а Владата потрошила 3,69 отсто или 1,36 милиони евра од вкупно 37 милиони евра кои ги има на располагање (!?). Владината служба за општи и заеднички работи имала скоро дупли трошоци, или 2,5 милони евра од вкупно 6,5 милиони евра што и стојат на располагање како трошоци до крајот на годината.
Мали „потрошувачи“ се покажале од Агенцијата за вработување на РМ и Фондот за ПИОМ, 10,464 евра или 7,1 отсто, односно 15,5 илјади евра или 4,1 отсто. Бирото за регионален развој потрошил само 1,95 отсто или 75 илјади евра, а Државниот завод за статистика 4,4 отсто или 146 илјади евра, додека ДИК реализирала 89,24 отсто од парите од својот буџет или 124,5 илјади евра.
Тоа е сликата за 9-те месеци, а за осумте месеци, односно до крајот на август, уште помалку пари биле одлеани за капитални инвестиции, или само 28 отсто од планираните со буџетот. Според податоците од Министерството за финансии, дотогаш биле планирани 422 милиони евра за капитални проекти за годинава, а биле потрошени 119 милиони евра,
„Реализацијата на капиталните инвестиции, според последниот извештај заклучно со септември 2019, а споредено со Буџетот што е планиран на почеток на оваа година во бројка е 8,5 милијарди денари или тоа е 32,3 отсто од она што е планирано на почетокот на годината. Доколку бројката се спореди со ребалансот тогаш е таа нешто поголема и изнесува 37,63 проценти“, изјави неодамна претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Додаде дека таа е нешто поголема поради „неспособноста на владата и скратените 50 милиони евра за капитални инвестиции да бидат вратени во останати тековни трошоци кои служат, наместо за развој, за поткуп“.
Во однос на приходите и на расходите во Буџетот, Мицкоски рече дека заклучно со септември 2019 година, приходите се на ниво од 70 отсто од планираното, а расходите на ниво од 68 отсто.
„Власта ги собира парите од граѓаните, а наместо да ги троши за капитални расходи и да ја развива државата, се користат за разни трансфери и поткупи, за обезбедување на гласови за следните избори“, рече Мицкоски.