Продолжува падот на потрошувачката на пивото во Германија

Консумирањето пиво во Германија и натаму е во пад, со што продолжува трендот започнат пред пандемијата на коронавирусот, соопшти во вторникот Сојузното биро за статистика во Визбаден.

„По малиот пораст на потрошувачката во 2022 година во споредба со периодот на пандемијата, во првото полугодие годинава потрошувачката повторно падна со што е продолжен трендот започнат пред пандемијата“, се наведува во соопштението.

Во споредба со истиот период минатата година потрошувачката паднала за 2,9 отсто на 4,2 милијарди литри пиво. Тоа е истовремено 12,2 отсто помалку отколку пред десет години.

Пиварниците натамошниот пад на потрошувачката на пиво го поврзуваат со невообичаено студеното време оваа пролет во Германија, како и со инфлацијата.

„Поради високата инфлација сѐ повеќе луѓе се воздржуваат од издатоците во угостителските објекти што се чувствува и во намалувањето на приходите во туризмот“, соопшти Германскиот сојуз на пиварите.

За околу 1.500 пиварници во Германија, од кои повеќето може да се категоризираат како мали и средни претпријатија, и годинава значи борба за преживување, се истакнува во соопштението.

„Експлодирачките цени кои започнаа да растат во текот на корона-кризата и натаму растеа по почетокот на војната во Украина, ги доведуваат пиварниците на работ од банкрот“, предупредува нивното здружение.

Статистиката не го опфаќа безалкохолното пиво, но според последните податоци за минатата година консумирањето на таквото пиво во последните десет години се удвоило.

Во Германија на пазарот може да се најдат околу 600 марки домашно пиво кои се произведува според ткн правило за чистота на пивото од средниот век и според коешто за производството на пиво не смее да се употребува ништо друго освен слад, квасец, хмељ и вода.