Продолжува расправата во грчкиот парламент за доверба на владата на Мицотакис

Во девет часот утрово продолжува тридневната расправа во грчкиот парламент за гласање доверба на владата на Нова демократија, откако вчера свои обраќања имаа премиерот на Грција, како и лидерите на сите грчки политички партии.

Во текот на денешниот ден, освен пратениците, ќе говорат и министрите, кои детално ќе ги објаснат нивните програми за следните четири години. Гласањето доверба на владата е закажано за утре вечер.

Вчерашната речиси осумчасовна расправа што траеше до еден часот по полноќ, започна со говор на Кирјакос Мицотакис, кој ја претстави владината програма, по што следеа обраќања на претседателот на пратеничката група на СИРИЗА, претседателот на ПАСОК, генералниот секретар на Комунистичката партија и лидерите на Спартанци, Грчко решение, Победа и на Курс на слободата.

Опозициските партии ги претставија нивните позиции и ставови за одредени теми, кои за секоја од нив претставуваат приоритет рекоа дека нема да ѝ дадат доверба на владата и ги образложија нивните аргументи.

Од осумте партии што се дел од парламентот, три првпат обезбедија место и првпат вчера имаа можност да се обратат пред пратениците.

Грчкиот премиер детално ја опиша програмата, мерките и иницијативите што новата Влада ги планира за следните четири години во речиси сите области, образованието, здравството, општествените прашања, одбраната, енергетиката итн.

Меѓу другото најави: намалување на невработеноста на осум отсто во следните четири години, предвремено исплаќање на заемот од првиот меморандум, враќање на инвестицискиот степен до крајот на годинава, намалување на даноци, намалување на јавниот долг, зголемување на минималната и просечната плата.

Пратениците утре вечер ќе гласаат доверба на владата, а Нова демократија со 158 пратеници го има неопходното парламентарно мнозинство од минимум 151 пратеник.