Во рамки на 47. седница денеска во Собранието треба да продолжи расправата за дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2021 година.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари или се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 отсто, повисоки во однос на планот, а планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП. Во ребалансот е предвидено да има раст на приходите од 4,7 отсто или за околу 10 милијарди денари, повеќе средства за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории.
По дебатата за ребалансот на Буџетот, предвидено е да се расправа за втората точка, односно предлогот на резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции.
На 47. седница се наведени 47 точки на дневен ред меѓу кои и предлогот за именување член на Регулаторната комисија за домување, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, предлог на закон за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, како и предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Собранието на Република Македонија.