Продолжува санацијата на Спомен домот на Разловечкото востание

Во делчевското село Разловци ќе продолжи санацијата на Спомен домот на Разловечкото востание. Во рамките на годишната програма на Министерството за култура на РСМ во областа на инвестициското одржување, осигурување, адаптација и набавка на опрема се одвоени околу 721.000 денари за продолжување на втората фаза од санацијата на Спомен-домот „Разловечко востание“ во село Разловци, информираше директорот на Центарот за култура, Методи Толевски кој додаде дека договорот со Министерството за култура е потпишан, а наскоро треба да се распише тендерот за избор на најповолен економски оператор.

-Втората фаза опфаќа замена на дрвената столарија со трајни материјали и термопан стакло со што значително ќе се подобри безбедноста на објектот, но и неговиот изглед, рече Толевски.

Санацијата на Спомен-домот посветен на Разловечкото востание започна минатата година со времена санација на кровната конструкција која според директорот решава проблемот и се обезбедува времена заштита на објектот од надворешни влијанија.

-Во следната фаза за санација на Домот е планирана санација на внатрешните ѕидови на спомен-домот и административната зграда, како и уредување на влезот и скалите кон Домот, додаде Толевски.

Спомен-домот посветен на Разловечкото востание долги години беше оставен без кров, само со црна хартија, а состојбата со објектот беше катастрофална. Спомен- домот „Разловечко востание“ е уникатно архитектонско дело на архитектот, проф.д-р Ѓорѓи Константиновски, кој во 1980 ја освои и првата награда за архитектонско решение на весникот „Борба“ на ниво на СФРЈ и на уникатен начин го чува споменот на првото вооружено востание на македонскиот народ за ослободување од Отоманската Империја.