По невремето со силен ветер и обилни врнежи од дожд што го зафати Скопје вчера, во попладневните часови, екипите на Градот Скопје, на јавните претпријатија „Водовод и канализација“, „Паркови и зеленило“, „Комунална хигиена“, „Улици и патишта“ и на Противпожарната бригада веднаш излегоа на терен и ги санираа штетите.
Екипите на Градот Скопје и на јавните претпријатија вчера интервенираа кај подзвозникот кај стоковната куќа „Мост“, на подвозникот на улицата Павел Шатев и на подвозникот на булеварот Киро Глигоров. Во исцрпувањето на водата интервенираа екипи на ЈП „Водовод и канализација“ и на Противпожарната бригада, и поплавените подвозници беа проодни за помалку од еден час.
На повеќе локации во градот силниот ветер искрши и турна повеќе дрвја и гранки, пришто екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ интервенираа на терен на 25 локации.
Во вчерашните активности на Градскиот штаб за заштита и спасување беа вклучени повеќе од 250 лица, а на терен делуваа со повеќе од 50 возила на јавните претпријатија на Град Скопје и Противпожарната бригада на Град Скопје.
Градскиот штаб за заштита и спасување во соработка со јавните градски претпријатија и УМХР ја следат состојбата на терен и ќе интервенираат на сите локации каде што ќе има потреба.