Продолжуваат несогласувањата во преговорите за австриската владина коалиција

Коалициските преговори меѓу австриската суверенистичка десничарска Партија на слободата (FPÖ) и конзервативната Народна партија (ÖVP) продолжуваат во вторник, но се чини дека стануваат сè потешки.

Непосредно пред новата рунда преговори, еден од преговарачите на ÖVP изрази сомнеж во постигнувањето договор.

„Оние кои не се подготвени за компромиси и се грижат само за моќта, можеби не се способни ниту да владеат“, изјави Харалд Марер за виенскиот дневен весник Kronen Zeitung.

Челникот на FPÖ, Херберт Кикл, и претседателот на ÖVP, Кристијан Штокер, наводно, имаат уште многу теми за разговор.

Но, Кикл е самоуверен и покрај мешусеното несогласување: „Бев оптимист минатата седмица, оптимист сум и оваа седмица“, рече 56-годишниот политичар.

Конзервативците бараат од десничарските суверенисти на Кикл, кои се многу критични кон Европската унија, да се погрижат новата влада да биде „конструктивен и доверлив“ партнер на Брисел.

Коалицијата, исто така, „треба да го осуди рускиот напад врз Украина и да ја класифицира Москва како закана“, се вели во документот што ÖVP ѝ го претставил на FPÖ.

„Слободарците“ се противат на санкциите на ЕУ кои имаат за цел да ја казнат Русија за нејзината инвазија на Украина, посочувајќи дека тоа придонесува за ослабување на европските економии и губењето работни места и зголемување на цените.

Од парламентарните избори во Австрија во септември поминаа повеќе од 130 дена, а влада сѐ уште не е формирана, што е рекорд за таа земја.

Медиумите сега шпекулираат за тоа што на крајот би можело да се случи ако преговорите меѓу FPÖ и ÖVP не успеат.

Наместо да распише нови избори, на којашто веројатно уште поубедливо би победила FPÖ, претседателот Александер ван дер Белен би можел да назначи преодна влада. Левоцентристичките Социјалдемократи, Зелените и либералните партии Нова Австрија и Либералниот форум, познати како NEOS, ставија до знаење дека ќе поддржат таква влада за одредени прашања доколку е потребно.

Според анкетите на јавното мислење, FPÖ би можела да постигне уште поубедлива победа на новите избори отколку во септември, кога 28 отсто од Австријците гласаа за крајната десница. Во септември, ÖVP освои 26 отсто од гласовите, а SPÖ 21 отсто.