Полнењето на државната и на јавната администрација продолжува. Имено, распишани се огласи за вработување на околу 20 тина државни службеници во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за правда и комисијата за заштита на конкуренцијата.
Пред само две недели голем број на државни институции објавија оглас каде што се бараше вработување на над 100 ина државни службеници во повеќе институции. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски како и премиерот Зоран Заев, во времето кога беа во опозиција, ја критикуваа тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ дека ја преполнува државната администрација, за сега од позиција на власт масовно да вработуваат кадри.
Но, и покрај тековните огласи, министерот Дамјан Манчевски се уште не објаснил зошто се отвораат нови работни места кога тој самиот рече дека во наредниот период дел од државните службеници ќе бидат „убедувани“ да ги напуштат чиновничките позиции и да заминат на работа кај приватните компании.
Како една од причините зошто Владата на СДСМ не доби датум за почеток на преговорите со Европската унија, се посочува и отсуството на реформи во администрацијата, која според ЕУ, требаше да биде професионална, непартиска и во функција на граѓаните.