Продолжениот викенд создава огромен метеж на граничниот премин Богородица, каде граѓаните чекаат долго за излез од земјава.
Традиционално и оваа година во пресрет на празникот Илинден, Македонците решија неколкуте неработни денови да ги искористат така што ќе заминат да се релаксираат на некоја од плажите во Грција, па оттаму преминот Богородица е и најфреквентен.
Сакајќи максимално да го искористат продолжениот викенд граѓаните денеска создадоа огромна колона со своите возила на преминот Богородица кон јужниот сосед.
Одреден дел од граѓаните пак, се одлучија слободните денови во пресрет на Денот на Републиката да ги поминат во земјава.
Забележан е зголемен интензитет на сообраќајот на патиштата кои водат до Охрид, Преспа и Дојран кои воедно се и најголеми туристички центри во земјава за да се релаксираат на некоја од домашните плажи.
Колкава е температурата на природните езера
Управата за хидрометеоролошки работи денеска објави информација за температурата на водата во природните езера.
Утринава во 7:30 часот температурата на водата во Охридското езеро била 25,5 степени Целзиусови. Истата температура е измерена и во Преспанско езеро. Најтопла утринава е водата во Дојранското езеро, а измерени 28,4 степени, соопштуваат од УХМР.
Охрид полн со гости
Големата раздвиженост низ Охридската чаршија и на шеталиштето, метежот во сообраќајот, полните плажи и угостителски објекти се главен показател дека во најголемиот туристички центар во Македонија е шпицот на туристичката сезона, пишува Ohrid news.
Порталот пренесува дел од изјавите на охридските туристички работници кои велат дека како и секоја година,веќе вообичаено, вистинското туристичкото лето во Охрид, започнува во втората половина на јули.
Во текот на изминатиот викенд, може да се каже дека Охрид почна да се полни со гости. Резервациите кои ги имавме за овој период се веќе реализирани. Во моментот имаме гости од Србија, Словенија и од Скопје. Исто така имаме резервации за гости до средината на август, вели сопственичка на неколку апартмани во центарот на Охрид.
Најбројни туристи во Охрид се младите
Друг станоиздавач кој исто така издава соби и апартмани во Охрид вели дека најбројни помеѓу гостите се младите, кои доаѓаат на летување во друштва или во парови.
Во Охрид се одржуваат голем број концерти и забави, па затоа градот е најпривлечен за младите, но сепак имаме и гости од повозрасна категорија, како и семејства со деца.
Вистинскиот туристички метеж очекуваме да се случи за празникот 2-ри август кога ќе има и споен викенд, вели нашиот соговорник.
Според она што може да се види на огласите на интернет, цените во приватното сместување низ Охрид се движат од 300 до 400 денари за легло во приватна соба и од 500 до 1.000 денари по лице во приватни доброопремени апартмани. Инаку, изнајмување на еден апартман или стан во централното градско подрачје изнесува од 20 до 60 евра дневно, а луксузните апартмани и оние со поглед на езеро достигнуваат и цени над 100 евра дневно.
Менаџерите задоволни од посетеноста во Охрид
Менаџерските тимови на неколку хотели на Охридската ривиера велат дека се задоволни од исполнетоста на сместувачките капацитети.
Во моментот најбројни се туристите од Холандија и Германија, но имаме гости и од соседните земји. Според најавите и резервациите кои ги имаме, очекуваме бројни гости и во текот на нередниот период, вели еден хотелиер.
Покрај организираните туристички групи, во хотелите има и гости кои доаѓаат преку идивидуални резервaции.
Ако сепак се одлучите да патувате надвор од земјава за претстојниов продолжен викенд состојбата на преминот Богородица, но и на другите гранични премини можете да ја следите во живо на интернет страницата на Јавното претпијатие за државни патишта.