Продолжува да се подобрува квалитетот на животот на скопјани

проекти

За 2017 година, предвидена е изградба на улицата Есенинова, која ќе ги поврзе Кисела Вода и Аеродром, реконструкција и проширување на улицата Васко Карангелевски, реконструкција и проширување на булеварот Александар Македонски од Агросервис до клучката Дијамант.

Ќе започне реализацијата на проектот за проширување на улицата Никола Карев, а предвидена е и реконструкција на дел од улицата Александар Ударевски.

Оваа година ќе се изгради и нова атмосферска канализација по должината на улицата Индира Ганди во општина Шуто Оризари, ќе започне реконструкцијата на вториот дел од улица Сарај, како и главната улица во село Глумово.

Ќе започне изградбата на кружниот тек на булеварот 8 Септември кај Хубо Маркет, исто така планиран е почетокот на проширувањето на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов од крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски до турбо кружната крстосница кај Католичката црква.

Ова се само дел од проектите кои ги најави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а кои ќе се реализираат оваа година.

Покрај овие проекти, ќе има инвестиции и во преостанатите сфери, како што се образованието, екологијата, културата, спортот, социјалата.