Синоќа расправата на Комисијата беше прекината откако специјалната јавна обвинителка поради, како што објасни, влошена здравствена состојба замина од седницата.
– Навистина ми е жал што поради мојата здравствена состојба морав да ја напуштам седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и се извинувам на сите пратеници што денес не сум во можност повеќе да присуствувам на седницата, вели Јанева во пишаната изјава до медиумите.
Во меѓувреме, како што информираа од СЈО, побарана е лекарска помош и здравствената состојба на обвинителката е под лекарски надзор и контрола.
Во текот на изминатите два дена, Јанева одговараше на прашања на пратениците.
На дневен ред на Комисијата е шестмесечниот Извештај на СЈО, како и Извештајот за работата на Јавното обвинителство. На заседанијата на Комисијата и вчера и во средата присуствуваа првите луѓе на обвинителствата Јанева и Марко Зврлевски.