Продолжува реформата за модернизација на четиригодишното средно стручно образование. Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, информираше дека Министерството, Центарот за стручно образование и обука и Бирото за развој на образованието, со поддршка од Светската банка кон крајот на 2015-тата година ги започнаа подготовките за овој чекор.
тој информира дека на оглас бил избран интернационален конзорциум, кој согласно потпишаниот тригодишен договор со Министерството, треба да направи анализа на постојниот систем, да предложи измени и да помогне во реформирањето на 14 струки, 52 образовни профили и 1.300 наставни програми.
Овој меѓународно познат и признат експертски тим го сочинуваат реномирани странски, но и домашни консултантски куќи предводени од Аркидата од Италија, а посебно би ги истакнал и Проџект груп од Турција. И во двете консултантски куќи работеле на реформирањето на оваа област во бројни земји во Европа и пошироко, како на пример Италија, Велс, Турција, Кина, Хрватска, Србија, Бугарија, Романија и Саудиска Арабија, истакна Ристовски.
Согласно понудената методологија за работа, конзорциумот ќе одреди кои од постојните наставни програми треба целосно или, пак, делумно да се променат.
Ќе ни помогне и во утврдувањето за кои предмети се потребни нови учебници и дополнителни наставни програми. Во оваа насока, сакам да информирам дека како Влада предложивме, а Собранието ја усвои измената на Законот за учебници, со која се предвидува можност за преземање на врвни светски учебници кои би се користеле во средното стручно образование во Република Македонија, со цел адаптација и имплементација на најдоброто светско искуство во тој дел, во нашата земја, рече заменик министерот.
Конзорциумот ќе изработи и спецификација за набавка на соодветна опрема за средните стручни училишта, која е неопходна за квалитетна практична настава и унапредување на стручните вештини и способности на учениците и која секако, потоа ќе биде набавена од страна на Министерството за образование и наука.
Целата оваа реформа, согласно одредбите од договорот ќе заврши во 2018 година, кога ќе добиеме средно стручно образование по примерот и практиките во западноевропските земји, додаде Ристовски.
До сега пак, во соработка со институциите на Европската унија беа реформирани 111 наставни програми за две и тригодишното средно стручно образование во вкупно 13 образовни профили.