Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за настаните на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија, против осумнаесетмината неамнестирани од првично 33 обвинети.
Судскиот процес се наоѓа во завршна фаза и на денешното рочиште се очекува обвинителката Вилма Рускоска да изврши промена на обвинителниот акт согласно Законот за амнестија и да се започне со изнесување завршни зборови.
На обвинителна клупа остануваат петтемина кои не побараа амнестија: екс директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, началникот во МВР за специјални операции Душко Лазаров, еден од водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Јане Ченто и Игор Југ од патриотските здруженија, како и 13 обвинети чии барања за амнестија беа одбиени.
Судот ги одби барањата за амнетсија на Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Горан Ѓошевски, Митко Пешов, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашо Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.