Проекции: Швајцарците одлучија да се откажат од нуклеарната енергија

Повеќето гласачи во Швајцарија го прифатиле во неделата на референдумот предлогот за постепеното напуштање на нуклеарната и минување на обновивлата енергија, покажуваат првите проекции по затворањето на избирачките места.

Законот треба да ја промовира обновливата енергија, како хидро и соларната енергија, геотермалните извори и биомаси.

Според проекциите засновани на прелиминарните делумно резултати, прифатен е новиот закон за енергијата кој го поддржуваат швајцарската влада и тамошниот парламент, објави институтот за истражување на јавното мнение GFS.Bern.

Во Цирих, швајцарскиот кантон со најголем број жители, за новиот закон гласале речиси 60 отсто од избирачите, а во Женева повеќе од 70 проценти. Конечните резултати за целата земја се очекуваат рано вечерва.

„Ова е историски ден за сите коишто се залагаа за заштитата на природната средина, без разлика дали се во политиката или надвор од неа“, орача пратеничката на Зелените, Адел Торенс Гумаз за швајцарската јавна телевизија RTS.

Сите партии го поддржаа овој закон, освен најголемата швајцарска партија Демократска унија на центарот (UDC), противевропска и антидоселенечка партија.

Новиот закон е резултат на долгиот процес кој започна по нуклеарната хаварија во Фукушима во март 2011 година предизвикана од катастрофалниот земјотрес и гигантското цунами кои ја погодија тогаш Јапонија.

Неколку седмици по несреќата во Фукушима, Швајцарија којашто има пет нуклеарни реактори кои произведуваат третина од електричната енергија потребна за земјата, одлучи до 2034 година да го напушти користењето на нуклеарната енергија, напомнувајќи дека тој рок е начелен. Властите додаваат дека затворањето на нуклеарните централи најверојатно ќе започне по педесет, па и шеесет години во нивното работење.

По оваа одлука, швајцарската влада, којашто дејствува по принципот на консензус и ја сочинуваат седум министри од четирите големи партии, работеше на носењето на енергетската стратегија којашто планира да ја спроведува етапно до 2050 година.